Екипите на ППД Загреб и Брест Мешков се првите учесници на завршниот турнир во СЕХА-лигата, кој оваа сезона ќе се одигра во Задар. Во наредниот период ќе ги дознаеме и останатите две екипи кои ќе им прават друштво на гореспоменатите екипи, а со големи шанси да се најдат на Ф4 се уште Вардар и Веспрем.
ППД Загреб успеа да слави и на реваншот против екипата на Татран Прешов и полесно од очекувањата да се најде на завршниот турнир. Пласманот во полуфиналето со втор триумф го потврди и тимот на Брест Мешков кој повторно го совлада тимот на Мотор Запорожје.
Се поверојатно е дека ќе има само една промена, што се однесува до учесниците на завршниот турнир, во споредба со минатата сезона. Вардар, Брест Мешков, Загреб и Нексе, беа екипите кои минатата сезона се бореа за трофејот на Ф4 турнирот кој се одигра во Белорусија, додека оваа сезона, ќе има само еден исклучок, а тоа е екипата на Веспрем, која после пауза од две години ќе се најде на Ф4 турнирот. Вардар исто така е голем фаворит за триумф против Нексе и не би требало да има проблем и деветта сезона по ред да се најде во најдобрите четири екипи.
Натпреварите на Вардар и Веспрем, кои требаше да се одиграат претстојниов викенд се одложени, поради актуелната ситуација со корона вирусот.