Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > Slider > „Празник за ракометот“ , се е подготвено за нова голема победа, Веспрем мора да „изгоре“ во комитскиот „пекол“
„Празник за ракометот“ , се е подготвено за нова голема победа, Веспрем мора да „изгоре“ во комитскиот „пекол“

„Празник за ракометот“ , се е подготвено за нова голема победа, Веспрем мора да „изгоре“ во комитскиот „пекол“

Денес е празник за ракометот во Македонија, ни претстои голем натпревар во Лигата на Шампионите. Во С.Ц Јане Сандански со почеток од 17:30 часот ќе гостува екипата на Веспрем од Унгарија, победникот од овој дуел во голема мера ќе го реши прашањето околу освојувањето на второто место во најсилната група А.

Интересно е тоа што Вардар за прв пат ќе се обиде да го победи тимот на Веспрем, што се однесува до мечевите на домашен терен во најголемото ракометно натпреварување. Вардар и Веспрем досега имаат одиграно пет натпревари во Лигата на Шампионите, од кои во три наврати славел унгарскиот тим, еднаш одигравме со нерешен резултат, додека единствениот триумф против унгарците го имаме на теренот на противникот и тоа во оваа натпреварувачка сезона, кога вардарци славеа во „Веспрем Арената“ со резултат 25:27. Веспрем е наш голем должник од сезоната 2015/16 кога ги одмеривме силите во четврфиналниот двомеч, во кој противникот не совлада во истава сала каде денес ќе се одигра мечот (26:29) во рамките на првиот четвртфинален дуел, додека на реваншот одигравме со нерешен резултат (30:30), кој не беше доволен за пласман на завршниот турнир во Келн. Вардар ги загуби двата натпревари од истиов противник во сезоната 2014/15 и тоа во групната фаза. Во оваа статистика не ги вброивме мечевите од 2001 година, кога за прв пат се сретнавме меѓусебно, двата дуели тогаш ги доби екипата од Унгарија.

Вардар го има победувано Веспрем на домашен терен, но на мечевите од СЕХА-лигата. Во ова натпреварување имаме одиграно вкупно осум меѓусебни натпревари, од кои три завршиле во корист на црвено-црните, два во корист на противникот, додека дури на три пати одигравме без победник.

Веспрем се наоѓа во победничка серија во Лигата на Шампионите, четири победи на последните исто толку мечеви во најсилната група А, од кои последната беше на домашен терен во дербито против екипата на Барселона. Избраниците на Давид Дејвис се наоѓаат во одлична форма, а серијата на триумфи ќе сакаат да ја продолжат и на денешното гостување во Скопје. Противникот располага со квалитетен ростер, со по најмалку двајца добри играчи на секоја позиција, па опасност по нашиот гол ќе доаѓа од сите страни.

За Вардар радува фактот што во екипата се враќаат Борозан и Фереира, за кои ова ќе биде прв меч во 2019 година. За разлика од нас, Веспрем нема проблеми со повредени играчи, па се очекува да настапи во својот најсилен состав, додека кај Вардар единствено ќе недостасува Сергеј Горбок. На денешниот дуел ќе ги видиме и поранешниот помошник на Гонзалес, тоа е Давид Дејвис кој имаше голема улога во освојувањето на Европската титула на нашиот клуб, додека на противничкиот гол ќе биде и Арпад Штербик кој претходно три сезони го бранеше нашиот гол. Сигурно дека публиката ќе им приреди топол и пријатен пречек и ќе бидат поздравени за придонесот во големите успеси на Вардар.

Арената Јане Сандански е распродадена до последното место, додека Комити најавуваат масовно присуство на денешниот дуел. Тие последниве денови беа доста активни на својата официјална страна и повикуваа на присуство на овој многу важен натпревар за Вардар, кој со победа ќе биде многу блиску до освојување на второто место во групата. Сите кои нема да бидат во можност да дојдат во сала, директен пренос од мечот ќе проследат на Арена Спорт 4.

АЈДЕ КОМИТИ, АЈДЕ СКОПЈЕ, АЈДЕ ВАРДАРЕ !!!