Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > Slider > Паднаа Вардар и Киелце, додека Веспрем се искачи на 2.место, преглед на 12.коло во групата А
Паднаа Вардар и Киелце, додека Веспрем се искачи на 2.место, преглед на 12.коло во групата А

Паднаа Вардар и Киелце, додека Веспрем се искачи на 2.место, преглед на 12.коло во групата А

Изминатиов викенд на програмата беше 12.коло во најсилната група А, во која победи забележаа екипите на Веспрем, Монпелје, Брест Мешков и Барселона. Промени има и на табелата, што се однесува до втората позиција, која сега му припаѓа на Веспрем, додека Вардар е на третото место.

Ако нешто беше добро за вардарци во ова коло е секако враќањето на теренот, за Вуко Борозан и Мораес Фереира, но и поразот на Киелце од екипата на Монпелје.

Актуелниот шампион на Европа, Монпелје, му заврши работа на Вардар, да не падне на четвртото место на табелата, па славеше на гостувањето кај екипата на Киелце (27:28). Овој резултат воопшто не е изненадувачки, ако се знае дека на овој меч, полскиот шампион настапи со само 14 ракометари и без своите двајца најдобри играчи, тоа се Алекс Душебаев кој нема да биде во составот и на останатите два меча од групната фаза, како и без Лука Циндриќ, кој тренира со екипата, но се уште не е доволно подготвен за натпревар. Киелце пред своите навивачи подобро го започна мечот, кога поведе со 3:1, но Монпелје беше решен на овој меч да ја искористи слабоста на противникот, па направи пресврт и поведе со 5:6. Во првиот дел и двете екипи имаа свои моменти. Најпрво Киелце повторно ја врати најголемата предност од два гола (9:7), но избраниците на Канаје направија серија од 0:4 и поведоа со 9:11. Оваа разлика до крајот на првиот дел беше зголемена кога, на одмор се замина со највисоко водство на Монпелје од 11:14.

Во второто полувреме, францускиот тим целосно ја превзеде контгролата на резултатот, постојано беше во предност, во неколку наврати имаа и пет голови позитива. Кога се мислеше дека Монпелје лесно ќе стигне до победата, во моментите кога водеше со 18:23, домаќинот благодарение на неколку одбрани на Цупара направи серија од 5:0 и го израмни резултатот на 23:23, па се започна од почеток. Сепак гостите повторно се одлепија на три гола (25:28), но Киелце врати со серија од 2:0, па дури имаше и десет секунди последен напад за израмнување. Сепак не успеаа да освојат бод, еден од гостиските играчи ја пресече топката, дури и постигна гол, но времето веќе истече, па Монпелје се врати од Полска со два бода и триумф од 27:28.

Француските репрезентативци Гребил и Ричардсон беа најефикасни кај победникот со по 6 голови. Споменавме во еден наш претходен текст, дека Талант Душебаев ќе има проблеми не само на овој дуел, туку и до крајот на групната фаза.

Победата во ова коло беше императив и за Брест Мешков, кои конечно успеаа после девет натпревари во ЛШ да издвојуваат победа и тоа многу важна во борбата за 6.место на табелата. Пред своите навивачи совладан беше тимот на Рајн-Некар, кој и втор пат годинава е поразен на мечевите од групата А. Гостите од Манхајм имаа само едно и единствено водство и тоа за отварање на резултатот, остатокот од мечот помина во доминација на белорусите, кои не дозволија ниту во еден момент да го испуштат водството. Постигнаа пет последователни голови за водство од 5:1, додека највисоката предност која ја имаа во првиот дел беше шест голови разлика (10:4). На четири минути пред крајот, Рајн-Некар се врати во игра кога намали на само два гола разлика (13:11), а по истекот на првите 30 минути резултатот гласеше 15:12.

Одличен почеток на вториот дел имаше Мешков кога направи серија од 4:0 и се одлепи на највисоки 19:12. Следеа минути кои му припаднаа на Рајн-Некар кој повторно се врати во игра, Мешков му дозволи на противникот да им постигне шест голови по ред и да намали на само еден гол (19:18). До крајот на натпреварот, домаќинот беше во предност, која се движеше од 1-2 гола разлика, во последните пет минути го скршија отпорот на Рајн-Некар и славеа победа со резултат 27:24.

Шкурински беше предводникот на Брест Мешков, кој успеа да постигне 8 голови.

Очекувана победа во ова коло за екипата на Барселона и тоа многу убедлива, во дуелот со Кристијанштад (43:26). Уште во првото полувреме, каталонците имаа двоцифрена предност, а на одмор заминаа со водство од 21:12. Цело второ полувреме беа во водство изразено со двоцифрена разлика, а Кристијаншад се помири со фактот дека ќе биде високо поразен на овој меч.

Гомез и Сипжак постигнаа по 6 голови кај Барселона.

Барселона е речиси веќе сигурен на првото место, кое им носи директен пласман во четвртфиналето. За останатите позиции на табелата до последниот меч ќе се води голема борба. Како изгледа табелата во групата А, после одигрување на 12.коло.

1. Барселона  20

2. Веспрем  16

3. Вардар  15

4. Киелце  14

5. Рајн-Некар  12

6. Монпелје  7

7. Брест Мешков  7

8. Кристијанштад  5