Friday ,17 May 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Преглед на групата Б, Вардар по убедливата победа во Германија е лидер на табелата
Преглед на групата Б, Вардар по убедливата победа во Германија е лидер на табелата

Преглед на групата Б, Вардар по убедливата победа во Германија е лидер на табелата

Пред нас е седмото коло во лигата на шампиони во машка конкуренција. За нас интересна е групата Б, каде се натпреварува и нашиот ракометен шампион. Вардарци стигнаа до убедлива и многу важна победа кај шампионот на Германија, додека до победи стигнаа уште Пик Сегед и Киелце. Бодовите ги поделија со нерешен резултат екипите на Брест Мешков и Целје П.Л.

Одличен натпревар за црвено-црните на гостувањето во Германија. Избраниците на Гонзалес одиграа пред се одлично во второто полувреме кога направија голема предност, која Рајн-Некар не беше во можност да ја стигне. И во текот на целото прво полувреме го контролиравме резултатот, а домашниот тим имаше само едно водство. На стартот на вториот дел, Вардарци постигнаа неколку голови во серија и се одалечија на пет голови разлика. Ова беше решавачкиот момент кој му даде поинаков тек на натпреврот. Игравме одлично и само го зголемувавме водството, за во еден момент да имаме највисоки осум голови рзлика. Конечниот резултат гласеше 27:33. Убедливо најефикасен беше Кањелас со 10 голови, додека го пратеше Циндриќ со 7. Кај поразениот тим се истакна Сигурдсон со 7 голови.

Екипата на Целје Пивоварна Лашко освои голем бод на гостувањето против Брест Мешков и ги зголеми шансите за пласман на една од позициите кои водат во осминафиналето. Се играше доста израмнет натпревар, каде ниедна од двете екипи немаа поголема предност од три голови. По првото полувреме резултатот беше 14:15 во корист на Целје. Шампионот на Словенија на голот го имаше расположениот Гајиќ кој беше еден од најзаслужните за освоениот бод на гостувањето во Белорусија. На крајот нерешениот резултат (29:29) можеби беше најреален исход од овој натпревар. Кај екипата на Брест Мешков, најрасположен за игра беше Стојковиќ кој постигна 8 голови, додека исто толку на спротивната страна беа дело на Жвижеј. 

Актуелниот европски шампион  не дозволи по трет пат да загуби и славеше на гостувањето во Загреб. Избраниците на Талант Душебаев, тимот на Киелце добро го започнаа натпреварот и по пет минути игра имаа водство од 0:3. Сепак во продолжение од првото полувреме, екипата на Загреб успева да заигра подобро и да го сврти резултатот во своја корист. Во еден момент домашниот тим имаше предност од највисоки три голови разлика, но само благодарение на голманот Филип Ивиќ, Киелце немаше поголема негатива од еден гол по првото полувреме (12:11).  Во вторите 30 минути гледавме многу подобра игра на Киелце, која е препознатлива за шампионот на Европа. Голем број на технички грешки и избрзани напади беа главната причина што Загреб ја загуби предноста и неможеше да се врати во мечот. Полјаците стигнаа и до четири гола разлика на пет минути пред крајот, по што беше познато кој ќе ги освои бодовите. Конечниот резултат гласеше 23:26. Мандалиниќ и Хорват кај Загреб постигнаа по 6 гола, додека кај Киелце се истакна Лијевски со 5 погодоци.

Пик Сегед ја оправда улогата на фаворит на гостувањето во Шведска и полесно од очекувањата славеше во дуелот со екипата на Кристијанштад. Шампионот на Шведска само едно полувреме беше достоен противник, кога на одмор се замина само со три голови предност за Сегед (12:15). Сепак во вториот дел дојде до израз квалитетот и пред се “подолгата“ клупа кај Унгарците кои на крај не само што успеаа да слават, туку победата беше изразена и со голема разлика. Конечниот резултат гласеше 21:29. Пик Сегед го имаше расположениот Сергеј Горбок кој беше број еден стрелец со 7 голови, додека кај поразениот тим се истакна Гудмундсон со 5 голови. Со оваа победа Пик Сегед најавува борба за највисок пласман во оваа група.

Како изгледа табелата после седум одиграни кола во групата Б, каде лидер е екипата на Вардар.

1. Вардар 12

2. Киелце  10

3. Пик Сегед   9

4. Рајн-Некар   9

5. Брест Мешков   7

6. Целје   4

7. Кристијанштад   3

8. Загреб   2

Двојки за следното осмо коло:

Вардар – Рајн-Некар

Киелце – Загреб

Пик Сегед – Кристијанштад

Целје – Брест Мешков