Вардар и после три одиграни кола во Лигата на Шампионите има максимален број на освоени бодови, и е единствениот со стопроцентен ефект во најсилната група Б. Победи во ова коло остварија уште и екипите на Порто, Монпелје и Кил.
Европскиот Шампион ја забележа и третата победа во серија на тешкото гостување во Украина. Повторно проработе „инаетот“ и карактерот на вардарци, кои во финишот беа подобри и го совладаа Мотор Запорожје со резултат 30:31. Извештај од мечот можете да прочитате на линкот, ТУКА.
Колото го отворија екипите на Кил и Брест Мешков, дуел на кој очекувано славеше тимот од бундеслигата. Иако ослабен, Кил, стигна до втората победа во групата, откако на домашен терен ја совлада екипата на Брест Мешков. Добро започнаа избраниците на Филип Јиха, кои на стартот од мечот имаа и предност од три гола, за во следните 10 минути, тимот на Мешков да направи резултатски пресврт и да има позитива од два гола. Сепак до крајот на првиот дел, бундеслигашот ја врати предноста, која по истекот на првите 30 минути беше минимална, изразена со резултат 13:12.
Во вториот дел, Кил „побегна“ на плус пет гола (21:16) и до крајот ја одржуваше предноста, на крајот триумфот беше изразен и со поголема разлика (31:23).
Првото изненадување во групата се случи во саботата, кога Порто успеа на домашен терен да ја победи екипата на Киелце. Напоменавме во нашата најава на 3.коло во групата, дека Порто покажа на стартот од сезоната дека ќе биде тежок противник за сите екипи во групата. Така беше и во ова коло, во кое шампионот на Португалија издвојува триумф над фаворитот Киелце. Избраниците на Душебаев добро започнаа, кога имаа водство од 0:2, но Порто беше во налет и со четири последователни голови го зголеми резултатот на 4:2. На средината од првото полувреме резултатот беше израмнет на 7:7, а долго се играше гол за гол, се до последните пет минути од првото полувреме, кога при резултатот 11:11, домашниот тим направи серија од 3:0, позитива која ја задржа до полувремето, кога резултатот на семафорот беше 15:12.
Можеме да кажеме заслужена победа за Порто, кој имаше позитива во текот на целото второ полувреме. Најголемото водство кое го фостигна Порот беше пет гола разлика (30:25), додека претходно, Киелце се закани кога намали на само еден гол негатива (25:24), но од тој момент тргна серијата за португалците, период во кој се одлучи победникот. До крајот, Киелце се погрижи само да намали за конечни 33:30 на овој дуел.
Второто мало „изненадување“ во групата го направи екипата на Монпелје која пред своите навивачи го победи Веспрем. До средината на првото полувреме гледавме израмнета игра, а прв кој успеа да се одлепи резултатски беше Монпелје кој при резултат 6:6. постигна четири последователни голови и зголеми на 10:6, но до крајот на првото полувреме избраниците на Дејвис намалија на само гол негатива (11:10).
Голманот на Монпелје, Марин Шего беше најзаслужниот за победата на неговиот тим, со вкупно 20 одбрани беше играч на мечот.Токму со неговата серија на одбрани, започна одлепувањето на французите, кои напрација серија од 5:2 и поведоа со 18:13, а до крајот на мечот, Веспрем не можеше да ја стигне оваа негатива. На крајот, Монпелје слави втор триумф сезонава со резултат 23:18, нанесувајќи му го на Веспрем вториот пораз сезонава.
Како изгледа табелата во групата Б, после 3 одиграно коло:
1. Вардар 6
2. Кил 5
3. Монпелје 4
4. Порто 4
5. Киелце 3
6. Веспрем 2
7. Брест Мешков 0
8. Мотор Запорожје 0