Вкупно седум ракометари на Вардар во текот на вчерашниот ден имаа настапи во своите репрезентации, во рамките на квалификациите за пласман на ЕП во 2020 година.
Селекцијата на Русија стигна до првата квалификациска победа, совладувајќи ја на домашен терен селекцијата на Италија, убедливо со резултат 34:20. Неизвесност на овој дуел имаше само во првите 5.минути кога резултатот беше израмнет на 3:3 и кога се играше гол за гол. Од тој момент избраниците на Кокшаров направија серија од 7:0 и се одлепија на високи 10:3. До крајот на првиот дел само растеше водството во нивна корист, за по истекот на првите 30.минути да имаат двоцифрена предност од 18:7.
Најголемата разлика која ја имаа Русите во второто полувреме беше 15 гола разлика, која ја имаа во неколку наврати, додека Италија најмногу што успеа да намали беше на 13 гола. Рутинско второ полувреме за “зборнаја„ која очекувано славеше на отварањето на овој квалификациски циклус. Најефикасен во составот на Русија беше токму десниот бек на Вардар, Кисељев кој успеа да постигне 5 голови, додека капитенот, Дибиров имаше 4. Во листата на стрелци се запишаа и останатире двајца играчи на Вардар, се работи за Шишкарев и Калараш кои постигнаа по 2 голови.
Србија не успеа да стигне до победа во дуелот со Белгија, но треба да биде задоволна и со освоениот бод, благодарение на вардаровиот голман, Дејан Милосављев кој на неколку секунди пред крајот го запре ударот на Ќерими и на тој начин донесе бод за својата селекција. Во најголем дел од првото полувреме, избраниците на Перуничиќ беа во предност, која најмногу достигна до три гола разлика. При нерешени 8:8, домашната селекција на Србија постигна три последователни голови и поведе со 11:8. Истата позитива ја имаа и при резултат 12:9, 13:10 и 14:11, но одмор од десеттина минути се замина само со минимално водство на Србија од 15:14.
Изгледаше како да имаат контрола на резултатот и во второто полувреме, се движеше и овој дел од мечот во нивна корист, се до моментот кога при негатива од два гола (24:22), Белгија успеа да направи серија од 0:4 и да поведе со 24:26. Србија се врати со мини серија од два погодоци и израмни на 26:26, а до крајот видовме по само уште еден погодок во двете мрежи. Милосављев го запре последниот напад на Белгија и не дозволи пораз на стартот од квалификациите. Популарниот “банда„ мечот го заврши со 3 успешни интервенции, од кои последната беше вредна еден бод.
Очекувано до победа стигна и Словенија на мечот против Летонија. Избраниците на Веселин Вујовиќ славеа со резултат 27:21. Почетокот на мечот им припадна на летонците кои поведоа со 1:3, но не за долго со оглед дека најпрво, Словенија израмни на 4:4 а во следните минути направи серија од 5:0 и поведе со 9:4. Од тој момент не дозволија да ја испуштат предност, па на полувреме заминаа со водство од 14:7.
На стартот на второто полувреме, Словенија успеа да се одлепи и на највисоки 9 голови разлика (16:7) по што беше познато кој ќе ги освои бодовите на овој натпревар. Летонија се обидуваше да се врати во мечот, намали и на пет гола негатива, но сепак Словенија беше пресилна за да дозволи неизвесна завршница. Во редовите на Летонија, Кристопанс беше втор стрелец со 4 голови, додека Оцвирк кај Словенија, не се запиша во листата на стрелци.