Вардар го доживеа третиот пораз во СЕХА-лигата, втор од екипата на Брест Мешков сезонава. Белорусите успеаа да ги освојат бодовите од овој дерби дуел (30:32) и да се доближат до пласман на завршниот турнир во ова натпреварување. Иако Вардар во вториот дел го сврти резултатот, во своја корист, имавме и два погодоци предност, сепак гостите успеаа да слават, а во тоа многу им помогна голманот Пешиќ, кој во клучните моменти имаше неколку добри одбрани. На прес-конференцијата после завршување на мечот пред медиумите се обратија тренерот Парондо и Шишкарев, кои истакнаа дека е тешко да се играат два меча во силен ритам, за толку кратко време. -
-Мешков Брест е квалитетна екипа која денеска играше со голем интензитет. Противникот ја посакуваше победа бидејќи му беше максимално потребна, а ние не одигравме како што требаше. Тешко е да се одиграат два натпревари со ист ритам и приод како против Монпелје. Сега треба да се подготвиме за следните средби и да се фокусираме за следниот период во кој ни следуваат тешки натпревари. Ова не беше толку лош пораз за нас, а ние бевме пласирани на Ф4 турнирот во СЕХА, истакна Парондо.
Беше тешко да се игра на ваква средба после дуелот против Монпелје. Ни беше тешко да се подготвиме за овој натпревар бидејќи ние веќе бевме на Ф4-турнирот. Мешков Брест дојде со многу желба и играше силно во текот на сите 60 минути бидејќи победата денеска им беше максимално потребна. Ние се трудевме до крајот од мечот, но имавме една грешка повеќе на крајот и тоа пресуди за да го загубиме овој натпревар, изјави Шишкарев.