Вардарци во силно темпо ги продолжуваат натпреварите. Во вторник во С.Ц. Јане Сандански се игра дербито од СЕХА-лигата со екипата на Нексе. Противникот од Хрватска е најпријатното изненадување во ова натпреварување, Нексе има вкупно 18 освоени бодови и се наоѓа на второто место на табелата. Од друга страна, црвено-црните се наоѓаат во серија од два порази, па дуелот со Нексе ќе биде можност да се вратиме на победите. Денес РК Вардар одржа прес-конференција на која ги сподели очекувањата за утрешниот дуел, кој стартува од 20:45 часот.
-Нексе игра оваа сезона одлично во СЕХА лигата и ќе биде многу тешко. Играат добра одбрана, интензивно во нападот, повеќе одбранбени зони, па мораме да бидеме подготовени за тоа. Во нападот имаат одлични играчи, со добра финта, шутираат од дистанца. Ова е уште еден меч на кој сакаме да победиме, истакна Парондо.
Голманот на Вардар, Дејан Милосављев истакна дека ги очекува меч со силна екипа која ќе пристигне во Скопје по бодови. Сепак српскиот чувар на мрежата на Вардар верува дека неговиот тим на крајот ќе излезе како победник.
-Нексе е силна екипа која игра добар ракомет. Имаше доволно време за да се одмори и да се подготви за нас. Доаѓаат во полн состав во Скопје. Со самото тоа тие доаѓаат по бодови. Ние одиме на максимум и ова е дуел кој ќе ни биде подготовка за дуелот против Барселона. Нема сомнежи дека ќе покажеме најдобра игра што можеме на утрешниот дуел. Ракометарите секогаш се борат до крај и затоа ние мораме да одиграме квалитетно од почеток и да се обидеме уште во првото полувреме да дојдеме до предност и тука да го решиме натпреварот, изјави Милосављев.