Вардар стигна до нова победа, вкупно третта во сеха-лигата во новата натпреварувачка сезона. Црвено-црните беа подобри во дуелот со екипата на Загреб (32:31). Во текот на целиот меч имавме постојано водство и го контролиравме резултатот. Загреб на моменти се закануваше до нашата предност, но ние секогаш имавме одговор на таквата игра на противникот кој се покажа во одлично издание. На прес-конференцијата после завршување на мечот се обратија тренерите на двете екипи, како и Карачиќ и Марковиќ.
-Натпреварот беше тежок, а резултатот беше тесен. Ние напаѓавме добро во прво полувреме, но во одбраната имавме големи проблеми. Во вториот дел исто така имавме потешкотии во одбраната, затоа беше неизвесно имавме еден-два гола разлика. Се истрошивме на натпреварот против Веспрем, тренираме напорно треба да видиме и да се подготвиме за тоа што ни претстои во ЛШ, изјави Гонзалес.
Нашиот организатор на играта напомена дека натпреварот со Веспрем многу ги истрошил, но сепак најважно е што победивме и на овој меч.
-На почетокот на мечот не игравме во одбраната како на дуелот со Веспрем. Тоа беше навистина тежок меч со Веспрем, па и малку се истрошивме, и залудно е да бидеме на исто ниво какво што сите го очекувате, но продолжуваме да работиме и кога ќе биде најпотребно ќе бидема на вистинско ниво. Нијанси решаваа, иако имавме неколку пати водство од 4 гола. Драго ни е што сме на врвот на табелата и верувам така ќе остане, рече Карачиќ.
Вујовиќ му ја честиташе победата на Вардар, нагласувајќи дека во текот на целиот меч неговиот тим бркал негатива.
-Му честитам на Вардар за заслужената победа. Во текот на целиот натпревар ја контролираа играта и резултатот, а ние секогаш бевме чекор два зад нив. Долга е сезоната ќе одиграме уште многу натпревари меѓусебно, и се надевам дека ќе се поправиме во понатамошните дуели. Со резултатот не сум задоволен, но со играта делумно. Му посакувам сè најдобро на Вардар оваа сезона, изјави Вујовиќ.
Поранешниот играч на Вардар, Добривоје Марковиќ на кратко ги искажа своите впечатоци од овој интересен натпревар.
-Одигравме добар меч со многу голови. Ни остануваат уште најмалку три меча меѓусебе и продолжуваме да се подготвувавме и да се покажеме во подобро светло, рече Марковиќ.