Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > РК Вардар фаќа победнички ритам, совладан и ППД Загреб

РК Вардар фаќа победнички ритам, совладан и ППД Загреб

Нашиот ракометен шампион ја забележа треттата победа во сеха-лигата, откако вечерва беа подобри од екипата на ППД Загреб. Во еден интересен и квалитетен меч, црвено-црните го совладаа својот противник со резултат 32:31.

Натпреварот со гол го отвори Миклавчиќ, но Вардарци за брзо го свртеа резултатот во своја корист и поведоа со 3:2. Имавме можност да гледаме атрактивен и брз ракомет на теренот во Јане Сандански. Екипите постојнао се менуваа во водство и се играше гол за гол на двете страни. Загреб во 11 минута со голот на поранешниот играч на Вардар, Лука Раковиќ имаше за прв пат предност од два гола разлика (7:9). Гонзалес повика тајмаут и во продолжение неговите избраници се вратија во игра. Благодарение на неколкуте поврзани одбрани на Арпад Штербик кој денес го стартуваше мечот правиме серија од три последователни гола, за повторно резултатот да биде во наша корист (10:9). Во следните пет минути се врати онаа игра, кога екипите се менуваа во водство. Повторно при негатива од еден гол, враќаме со три погодоци во мрежата на Стевановиќ и поведуваме со 14:12 во 23 минута. На две минути пред крајот Дибиров ни носи најголеми три гола предност, кои успеваме да ги зачуваме до крајот на првото полувреме, кога на одмор се замина со резултат 19:16. Секундата беше побрза од Карачиќ која не дозволи да имаме и четири голови разлика.

Во првите пет минути, Загреб успева да намали на само еден гол разлика (21:20) и да воспостави рамнотежа на мечот. Веќе во 39 минута резултатот беше израмнет на 22:22. На голот застана Ангелов, кој го замени Штербик кој имаше 4 успешни интервенции. Душебаев е денес најрасположен наш играч и со својот седми гол ни носи водство од 24:22. Истовремено Ангелов ја бележи својата прва одбрана. Дибиров во 46 минута ги враќа највисоките три гола 27:24. Вуко Борозан потсетува зошто е донесен како засилување и набрзина постигнува два гола, со што ја одржува нашата предност. На спротивната страна Мандалиниќ е најрасположен играч и најзаслужен што Загреб сеуште е во игра за бодови. Македа пропушта зицер удар да го реши победникот, а Лука Раковиќ погодува за 31:29. Циндриќ го постигнува својот прв гол, но вреден победа за неговата екипа. Конечниот резултат гласеше 32:31.

Ова е трет последователен триумф за Вардарци во сеха лигата. Душебаев беше најефикасен со 8, додека Дибиров постигна 7 гола