Вардарци и шестта сезона по ред успеаа да се пласираат во четвртфиналето од Лигата на Шампионите. Вечерва во С.Ц. Јане Сандански, нашиот шампион успеа и по втор пат успеа да го совлада тимот на ППД Загреб, овој пат со резултат 32:20. На прес-конференцијата после завршување на мечот пред медиумите се обрати тренерот Парондо кој го изјави следново:
-Среќен сум што упеавме да се пласираме во четврт-финалето од Лигата на шампионите. Одигравме добро прво полувреме со висок интензитет и можам да бидам задоволен од првите 30 минути. Во продолжението од средбата не одигравме на истото ниво. Не ни можеше да очекуваме да играме на исто ниво 60 минути особено откако имавме солиден резултат од првото полувреме, но и високи девет гола од првата средба. Задоволен сум што во тимот се вратија Вуко Борозан и Сергеј Горбок. На тој начин екипата е комплетирана за следните натпревари и можам да сметам на сите играчи.
Сергеј Горбок е играчот кој после долго време се врати на теренот, доби минутажа и успеа да постигне два гола.
-Бевме подготвени за овој натпревар и во првото полувреме покажавме добра игра. Влеговме добро во натпреварот, но во вториот дел не одеше најдобро. Со нетрпение го чекаме новиот натпревар исто како и нашите навивачи. Јас сум презадоволен од тоа што се вратив на теренот. Деновиве разговаравме со Парондо и тој ми рече дека ќе ми даде шанса да играм.