Нашиот ракометен шампион го загуби вториот натпревар против екипата на Рајн-Некар и пропушти голема шанса да се зацврсти на првото место во групата Б. Шампионот на Германија беше подобар противник во вториот дел, кога успеа да поведе и со пет голови разлика. Црвено-црните во најголем дел од првиот дел имаа предност, таа беше највисока до два гола, иако имаве можност и истата да ја зголемиме. На стартот на вториот дел промашивме неколку зицер удари, а гостинската екипа на голот го имаше расположениот Апелгрин. Конечниот резултат беше 26:29. По завршување на мечот на прес-конференцијата се обратија тренерот Гонзалес и капитенот Стоилов.
Не се снајдовме баш добро со нивната игра во нападот со голман како играч. Не сме навикнати на тој начин на игра. Тешко беше во контранападите , а не искористивме неколку чисти шутеви. Имавме тешки натпревари пред овој и не го најдовме вистинскиот начин на игра. Се надевам дека следниот натпревар ќе го одиграме многу подобро, изјави Гонзалес.
Капитенот истакна дека Рајн-Некар не изненадил со играта, играч повеќе во поле, што било пресудно за поразот.
-Рајн-Некар одигра одличен натпревар, но морам да истакнам дека нè изненадија со нивната игра да играат без голман на голот, кога беа во напад. Едноставно не можевме да одговориме најдобро на таа игра со седум во поле како што кажа и нашиот тренер. Боли што изгубивме, но кога нема да се искористат шансите, а нивниот голман брани сè, реално е на крај да го загубиш мечот, истакна Стоилов.