Актуелна е третата сезона на ракометната “Јуниор лига“ во која се натпреваруваат школи од цела Македонија. Овој проект на РК Вардар кој веќе трета година успешно функционира и им ги дава сите предуслови на младите ракометари да ги покажат своите квалитети и знаења, и преку континуираното играње на натпревари да го стекнуваат потребното искуство и постојано да се надоградуваат со нови особини од ракометната игра. Филип Пресилски кој е голман доаѓа од шампионската школа на РК Преспа-Вардар, која е актуелен освојувач на лигата, кај генерацијата родени 2002/03 година. Ова е втора сезона за Филип како се натпреварува во “Јуниор“ лигата. Тој на почетокот ќе не запознае со неговите ракометни почетоц.
-Уште од мали години во спортската сала во Ресен гледав ракомет и ми се роди желба да играм и јас ракомет. Од самиот старт сум во ракометната школа Преспа, каде мој прв тренер ми беше Иван Ангелковски.
Филип има само позитивни работи кои ги доживува во “Јуниор“ лигата и вели дека овој проект на Вардар е добар за напредување на талентираните ракометари.
-Веќе две години сум дел од “Вардар јуниор лигата“и можам да кажам дека имам само позитивни впечатоци од ова натпреварување. Овој проект на ракометниот клуб Вардар е доста добар за ракометните таленти кои имаат можност да го покажат својот талент и играчки потенцијал. “Јуниор“ лигата многу ми помогна како на мене така и на мојот тим и ни дава голем мотив да се натпреваруваме, да го даваме најдоброто од себе и да победуваме на натпреварите кои ги играме.
Преспа од Ресен беше дел од зимскиот турнир кој го организира Вардар, на кој Филип и неговата школа во возрасната генерација 2002/03 го освоија второто место.
-На најголемиот младински турнир “Вардар, еден живот, една љубов“ мојата екипа освои второ место, кај генерацијата родени 2002/03 година. Секако го стартувавме турнирот со мисла дека можеме да стигнеме до трофејот и да ги победиме сите противници. Се тешеѓе според планот и во групната фаза издвојувавме само победи. Во полуфиналето за противник имавме школа, која исто така е една од подобрите во академијата на Вардар, тоа беше екипата на Бисинов, натпревар на кој влеговме многу мотивирани и сметам дека заслужено победивме. Во финалето се сретнавме со нашиот најголем конкурент во оваа генерација, тоа беше тимот на Шампион, школа која исто така произведува квалитетни ракометари. Во ова финале сметам дека направивме повеќе грешки ,кои на крајот беа пресудни за нашиот пораз. Сепак и освојувањето на сребрен медал е успех за нашата екипа, која ќе се обиде следната година да стигне и до првото место. Се надевам дека овој турнир ќе прерасне во силна традиција и од година во година ќе има се поголем број на натпреварувачи.
Дружењето со играчи од останатите школи како и патувањата се едни од впечатливите моменти кои ги поминаат ракометарите, кои се дел од “Јуниор“ лигата.
-Покрај натпреварите “Јуниор лигата“ ни дава повеќе можност за запознавање со другите екипи, како и меѓусебно дружење. Исто така сме задоволни и од опремата која ја добиваме, како и од патувањата во други градови каде се одржува оваа лига.
Преспа под водство на Иван Ангелковски е актуелен освојувач на “Јуниор“ лигата и истата ќе се обидат да ја одбранат и оваа сезона.
-Нашиот предводник Иван, како тренер и човек е прекрасна личнос. Неговото ракометно искуство ни го пренесува на најдобар можен начин и многу ни помага во нашиот развој. Со оглед на натпреварите од оваа лига и оваа сезона сметам дека сме фаворити за освојување на првото место.
Звонко Ивановски