Wednesday ,08 May 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Вардар и ППД Загреб со изменет „лик“ ќе се соочат во 1/4 финалето на СЕХА

Вардар и ППД Загреб со изменет „лик“ ќе се соочат во 1/4 финалето на СЕХА

Првиот поголем предизвик на „новиот“ Вардар во новата натпреварувачка сезона ќе биде двомечот од 1/4 финалето на СЕХА-лигата против екипата на ППД Загреб, всушност ова се натпревари од сезоната 2020/21, но познато е дека поради ситуацијата со корона вирусот имаше поместување на елиминациските натпревари, како и на завршниот турнир кој на почетокот на месец септември ќе се одигра во Задар.

Вардар за противник го има тимот на Загреб, кој исто така со многу изменет „лик“ ќе влезе на овие натпревари со нашиот Вардар. Од тимот заминаа неколку играчи, меѓу кои и голманите Асанин и Јандриќ, но во екипата се враќа поранешниот хрватски репрезентативец, Филип Ивиќ, кој заедно со Дино Славиќ ќе го сочинуваат голманскиот тандем.

Најзвучното засилување во пресрет на новата сезона сигурно доаѓа токму од Вардар, тоа е Иван Чупиќ, играчот кој освои се што можеше со црвено-црните, на два пати стана и Европски Шампион со Вардар, сега Чупиќ ќе го гледаме на спротивната страна во дресот на Загреб.

Нови играчи на Загреб се и Јаков Гојун и Жељко Муса, исто така многу искусни играчи кои еден дел од кариерата ја поминаа во Загреб, па настапуваа за квалитетни екипи каде собираа искуство и сега повторно се враќаат во својата татковина да му помогнат на клубот во издигнување на едно поголемо ниво од кое беше во изминативе неколку години. Тренер на екипата ќе биде познатиот Ивица Обрван, поранешен селектор на машката сениорска репрезентација на Македонија.

Екипата ја напуштија и Обрадовиќ и Периќ, но дојде Сандро Обрановиќ, добро познатиот играч на Брест Мешков. Во целина, Загреб склопи добра екипа која сигурно ќе атакува на високи цели во новата сезона.

На 26 и 29.август сигурно дека не очекуваат тешки и квалитетни натпревари со овој противник. Вардар најпрво ќе биде домаќин, натпревар на кој ќе треба да се стекне со солидна разлика, пред реваншот во Хрватска. Пред двете екипи постои подготвителен период, во кој треба да ја темпираат формата и да одиграат пријателски натпревари пред нивното соочување.