Денес се одржа прес-конференцијата во 12.00 часот во прес – конференциската сала во СЦ „Јане Сандански” пред првиот натпревар од четврт-финалната фаза од ВЕЛУКС лига на шампионите помеѓу екипите на Флензбург од Германија и нашиот ракометен клуб Вардар. На истата г-н Сергеј Самсоненко претседател на клубот ги искажа своите ставови, тој пред новинарите го изјави следното:
Сакам да им се заблагодарам за присуството на Живко Мукаетов, претседател на РФМ, Филип Милошевски, генерален секретар на РФМ и Михајло Михајловски претседател на СЕХА лигата. Денеска беа поканети и Драган Начевски, како претседател на судиската комисија во ЕХФ и Марјан Начевски, како комесар на СЕХА лига.
Ние четврта година по ред влегуваме на четврт-финале и за нас е многу важно зашто четири години се бориме на спортските терен и надвор од него со една цел да влеземе на Ф4 турнирот во ЛШ. Имаше и добри и лоши моменти во нашата екипа, но ние секогаш имаме една цел – пласман на Ф4 турнирот.
Како што пред мене спомна спортскиот директор Едуард Кокшаров, имаме лоши информации, но, не сакам да зборувам за тоа во детали и без разлика што ќе се случи ние ќе дадеме сè од себе да го поминеме Флензбург.Сакам да поставам едно прашање пред јавноста „Дали го заслуживме ова”. Јас мислам дека ние со сѐ што сторивме го заслуживме ова. Не само во однос на инвестиции во првите екипи, туку и со развој и поставување на инфраструктура, младинските школи и иднината на македонскиот ракомет. Вложена е многу сила и енергија во детските школи и младинските категории.
Нашиот конкурент Металург е на истиот пат и добро работи. Кога дојдов тука не сакав да зборувам за натпреварот со Металург, но ова беше последната капка зашто не заслуживме таков однос. Во цела сезона загубивме четири натпревари во ЛШ и еден во СЕХА лигата, а по натпреварот со Металург секаде во јавност пишуваше дека играчите на Вардар играле без срце. Како може со единствениот ривал во македонското првенство да се каже дека играле без срце. Лесно е да се фалиш со тактика седум на шест кога на секое пробивање на пивот е досуден пенал, или во најмала рака 9 метри. Имавме 9 седмерци. Извинете што ова го спомнав, не сакав денес за ова да зборувам иако сакав емотивно да реагирам со соопштение по овој натпревар, но размислив и се премислив. Како што спомнав имаме не баш добри информации во однос на делегираните судии. Не ми е јасно зошто ни ги ставија нашите „пријатели” од Данска кои ни го судеа последниот меч против Барселона, кога целата екипа, спонзорите и останати работници на Флензбург се Данци. Но, веројатно така одредила Европската федерација и ние треба да почитуваме, но се надеваме дека од Флензбург и ЕХФ ќе го пратат овој натпревар и ќе гледаат сѐ да биде како што треба и да не се повтори тоа што се случи пред три години. Ако се повтори истата ситуација со нашиот клуб јас ќе се повлечам од ракометот, веќе немам сила да се борам, ќе останам во Вардар, но ќе се посветам на младите категории и ќе развиваме уште школи.
Но, да ни се случува тоа што се случува, и да инвестирам секоја година по 7 милиони евра во ракометни клубови, повеќе не можам и сакам да ги повикам сите Македонци да имаме поддршка и во Флензбург, на гостување, и во Македонија.Ќе се потрудиме да има пренос од натпреварите, по можност и од натпреварот во Скопје и во другите градови, како и по можност на плоштадот во главниот град зашто очекувам голем интерес, а нема да има простор за сите во салата. Барам поддршка од Федерација, од претсредателот и раководствата, и од Михајло Михајловски, претседателот на СЕХА лига, човек кој повеќе од мене е заслужен за Вардар. Исто вложил многу пари, но не е сѐ во парите. После секој пораз и секоја неправда, лежам два –три дена дома со нарушено здравје зашто сериозно ја преживувам секоја неправда.Затоа ние треба да се сплотиме сите, да дадеме поддршка на нашиот клуб. Разговаравме со стручниот штаб и со тренерите дека треба да дадеме сè од себе без разлика на тоа што ќе се случува таму.
Натпревар во гости помеѓу Флензбург и Вардар е закажан на 22 април 2017 година со почеток во 17,30 часот во Флензбург, Германија. Возвратниот дуел е закажан за 27 април во 19 часот во СЦ „Јане Сандански во Скопје.