По мечот во кој впишавме пораз со силниот тим на Веспрем на стандардната прес-конференција свој суд за истиот даде нашиот тренер Раул Гонзалез . Шпанецот на нашата клупа за дуелот со европскиот вице-првак го изјави следново :
Веспрем денеска беше подобар, играше многу добар меч и заслужи победи. Во првото полувреме одигравме добро во првите 15 минути, и водевме со два разлика, но имавме проблеми во нападот, и не искористивме многу шанси. Веспрем го користеше секој свој напад и направи разлика. На полувремето разговаравме со играчите и на почетокот на второто полувреме се вративме и изедначивме. Сакам да им се заблагодарам на моите играчи. Беше 4-5 разлика за Веспрем и тие повторно се вратија и имавме шанса и да победиме, но Веспрем беше одличен во последните минути. Жал ми е за навивачите, затоа што направија одлична атмосфера денеска. Ова беше само прво полувреме, треба да се фокусираме на вториот натпревар, знаеме дека ќе биде многу тешко. Треба да работиме и да се подобриме, затоа што нашиот напад не беше како што посакувавме- изјави Гонзалес.
Од играчите преставник на пресот беше еден од најдобрите поединци хрватскиот репрезенативец , средниот бек на црвено-црните Игор Карачиќ. Тој по поразот за овој меч изјави :
И благодарам на публиката, не само на Комитите туку на сите што ја направија оваа одлична атмосфера. Навистина ми е жал, не само за нас, туку особено за нив. Јас сум карактер кој сака да ја крене главата и да подобри сѐ што беше лошо за во вториот меч и можеби да ги вратиме шансите за фајналфор. Сакам да ѝ се заблагодарам на екипата за борбеноста, мислам дека одигравме добар меч, но имавме некоја црна дупка од десетина минути во која паднавме. Сепак успеавме да се вратиме и тука покажавме дека сме екипа со карактер. Не знам што беше причината, можеби нивните голмани фатија многу топки, можеби промашивме многу зицери- изјави Карачиќ.