Вечерва, РК Вардар со триумф од 33-27 (16-13) ја заврши групната фаза од Лигата на шампионите. Во осмина-финалето Вардар ќе игра со шестопласираниот тим од Група Б, екипите на Мотор Запорожје или ППД Загреб. По победата над европскиот шампион на прес-конференција тренерот и капитенот на црвено-црните рекоа:
Го почитувам тимот на Монпелје, од првата минута влеговме мотивирано и покажавме дека сме домаќини. Силно ја посакувавме победата. Сакам да им се заблагодарам за нивното извинување за Дисингер и посакувам среќа во наредните настапи. Се надевам дека пак ќе играме наредната година. Никој не очекуваше дека ќе бидеме на третото место. Многумина се откажаа од нас по заминувањето на звучните имиња. Но, играчите покажаа дека ова е колективен спорт, дека не е поединци. Можевме да бидеме и втори. Но, не треба никој да се лути што загубивме од Веспрем, затоа што таму ги победивме. Сега треба да сме концентрирани на осминафиналната фаза- рече Стоилов.
Тие се шампиони на Европа, не треба да се трошат зборови за нив. Среќен сум како игравме. Имавме одличен старт, игравме 15 минути според планот, но потоа следеше мал пад. Ќе се потрудиме да поправиме се за наредните мечеви, а на Монпелје му посакувам многу среќа во наредните мечеви. Што се однесува до групната фаза, задоволни сме како ја минавме и како завршуваме-изјави Парондо.