Вардарци пристигнаа во Брест во Белорусија (види) каде утре ќе ги одмерат силите со хрватскиот шампион ППД Загреб во полуфиналето од завршниот турнир во регионалната СЕХА Гаспром лига. На денешната пресконференција пред натпреварот со загребчани тренерот на црвено-црните шпанскиот ракометен стручњак и македонски селектор Раул Гонзалес го изјави следното:
Несакам да зборувам кој е фаворит. Вие имате ваше мислење. Јас сакам да се фокусирам на натпреварот. Игравме четири пати сезонава и двапати победивме. Не се знае кој е фаворит. Сигурно е само дека ќе играме максимално. Очекувам силен меч и неизвесен меч. И ние имаме доста играчи на располагање, и тие имаат исто така голем ростер. Играат добро 5-1 и 6-0. Треба да нападнеме добро, и да реализираме, зашто во спротивно ќе бидеме казнети.
Нашиот противник во полуфиналето на регионалната лига тимот на ППД Загреб има нов тренер, Славко Голужа. Шпанецот го искажа својот став и за овој факт, тој рече:
Сакам и јас да знам што би спремил тој ново. Нема многу време за да се менува, а можеби и ќе има некој новитет. Ќе видиме секако. Треба да ја почитуваме оваа екипа, двапати сезонава загубивме од нив- изјави Гонзалес Раул.
На пресконференцијата свое видување даде и капитенот на црвено-црните, пикерот на вардарци Столе Стоилов. Тој за соочувањето со екипата од Хрватска го изјави следното пред медиумите:
Годинава Вардар по шестти пат во по ред игра на Ф-4, секоја година се обидуваме да го освоиме титулата. Се познаваме добро со Загреб, игравме повеќе дуели годинава и нема ништо непознато. Мислам дека екипата што ќе покаже дека повеќе храброст и што повеќе ќе ја посакува победата ќе се најде во финалето- изјави Стоилов.