Екипата на Рк Вардар 2 продолжува со сигурни настапи во првата ракометна лига. Нов противник за избраниците на Стојан Петрушевски беше екипата на Македонија Ѓ.П. Црвено-црните повторно одиграа одличен натпревар, и ја впишаа шесттата победа во лигата. Мечот се одигра во спортската сала во Ѓорче и заврши со резултат 19:26.
Домаќинот на овој дуел се радуваше само на самиот старт, кога го имаше првото и единствено водство. На два пати резултатот беше израмнет 2:2 и 5:5. Од тие моменти црвено-црните направија серија од два гола за водство од 5:7. Првата поосетлива предност ја имавме во 20 минута кога поведовме со 6:10. Добрата одбрана на нашиот состав во овие моменти од мечот беше пресудна за одлепување од противникот. Иако Македонија Ѓ.П врати со неколку погодоци за намалување на негативата, завршниот удар до паузата го имаа Вардарци. На полувреме се замина со резултат 11:14.
Само во првите 5 минути од вториот дел, домаќинот на овој меч беше рамноправен противник. Неизвесноста околу конечниот победник постоеше кога Македонија Ѓ.П се доближи на резултат 14:16. Повторно доаѓа до израз нашата цврста и агресивна одбрана, која беше најголем адут за триумф. Вардар повторно се одлепува на четири гола позитива 16:20 во 50 минута. Екипата од Ѓорче намали на 17:20 а од тие моменти успеавме да направиме серија од 0:5 за највисоки 17:25 во 56 минута. Овој период беше клучен за тоа кој ќе ги освои бодовите. Последните минути беа само чиста рутина и одработување на ова гостување. Конечниот резултат гласеше 19:26. Ова е вкупно седма победа во првата лига за младите Вардарци, кои остануваат на лидерското место на табелата.
Тоше Ончев повторно беше најефикасен со 8 постигнати голови. Александар Димовски додаде 6.
Рк Вардар 2: Кизиќ, Виларов, Димов 1, Јагуриновски 4, Анастасовски 1, Димовски 6 Наумовски, Стојковски 2, Љубевски, Трпчевски 2, Кукуловски, Калков, Димковски, Крстевски, Ончев 8, Арсеновски 2.