Пионерите на РК Вардар вечерва во спортскиот центар Јане Сандански стигнаа до првата победа оваа сезона. Во рамките на групата 1 од пионерската лига, избраниците на Петковски и Бисинов ја совладаа екипата на Илиден-Вардар, со резултат 20:13.
Заслужена победа за вардарци кои имаа водство од првата минута на мечот и ниту во еден момент не дозволија да ја испуштат. Поведовме со 2:0 а истава разлика од два гола позитива ја имавме уште и во три наврати. На секој погодок на Илинден, екипата на Вардар враќаше со серија од два погодоци, па така на три минути пред крајот на првиот дел стигнавме и до највисоки пет голови разлика (10:5), за до истекот на првиот дел, да намалат гостинските играчи и на одмор да се замине со резултат 11:7.
Тренерот Петковски им даваше шанса за настап на сите играчи кои денес беа во ростерот за овој дуел. Имавме одличен старт на вториот дел, кога направивме серија од 3:0 и поведовме со високи 14:7, по што беше познато кој ќе ги освои бодовите. Следеш краток лош период во нашата игра, кога дозволивме Илинден да врати со серија од 0:3 и да намали на само 14:10. Сепак вардарци го засилија темпото, не дозволија никаква резултатска неизвесност, поведоа и со 20:11, што беше најголемата позитива за нив на овој натпревар. На крајот избраниците на Дарко Јанев намалија, за достоен пораз, изразен со резултат 20:13. Мора да се напомене дека во овој состав на Вардар има играчи кои потекнуваат од школата на Илинден, која е расадник за млади таленти.
Кај Вардар тројца играчи постигнаа по 3 голови. Тоа беа Матеј Трајановски, Маријан Гочев и Андреј Петрушевски. Христијан Петковски, Ѓорѓи Спасовски, Виктор Трифуновски и Никола Анакиевски беа стрелци на по два гола, додека по еден постигнаа Иле Табаков, Александар Стојменов и Мартин Тодороски. Кај Илинден се истакнаа Зарковски со 5 и Цветковски со 4 погодоци.
Во следното коло, пионерите на Вардар играат на гостински терен против екипата на Драчево.