Екипата на РК Вардар веќе има договорено два силни меѓународни турнири, на кои ќе се воигрува и ќе ја проверува својата форма пред почетокот на новата сезона. Прв предизвик за новиот тренер на црвено-црните, тоа е Гарсија Парондо, ќе биде 10-сетото издание на силниот интернационален турнир “Хеиде Куп“ во Германија, кој ќе се одигра во периодот од 10-12-ти август.
Се работи за турнир, на кој ќе настапат квалитетни екипи, меѓу кои актуелниот и поранешни шампиони на Европа. Тоа се екипите на Монпелје, како актуелен освојувач на Лигата на Шампионите, потоа и Вардар и Хамбург, екипи кои исто така можат да се пофалат дека ја освоиле Европската титула. На турнирот учество ќе земе и актуелниот освојувач на ЕХФ купот, или второто по квалитет натпреварување во Европа, а тоа е тимот на Фуксе Берлин. Кристијанаштад од Шведска и Лајпциг од Германија се останатите екипи кои ќе се натпреваруваат на “Хеиде Куп“.
Вардарци навистина ќе имаат добар подготвителен период, на кој ќе спарингува со силни и квалитетни противници. После турнирот во Германија, црвено-црните ќе земат учество и на силен меѓународен турнир во Стразбур, на кој ќе настапат најсилните екипи од Франција, како и Брест Мешков и Веспрем.