Екипата на Вардар Јуниор го одигра првиот контролен натпревар, како подготовка за новата натпреварувачка сезона. Во спортскиот рекреативен центар Кале, избраниците на Стојан Петрушевски за противник ја имаа екипата на Еурофарм Работник, која е нов суперлигаш во новата сезона. Овој дуел заврши во корист на битолчани, со конечен резултат од 28:33.
Пресудно за конечниот победник беше второто полувреме, кога со далеку подобра игра, Работник успеа да стигне до првиот триумф. Оваа екипа која има високи амбиции во супер лигата засилена со неколку квалитетни ракометари на крајот излезе со младиот состав на Јуниор, кој во новата сезона претежно ќе го сочинуваат ракометари кои изминатата сезона беа дел од големиот успех на РК Вардар 2, кој беше вицешампион во оваа лига. До средината на првиот дел, Вардарци имаа постојана предност, која Работник во чекор ја следеше. Одлично го започнавме дуелот за во почетните минути да имаме предност од три гола. Во последните десет минути од првото полувреме,гостинскио тим го презема водството, за на пауза да замине со минимална предност од 13:14
По 12 минути игра во вториот дел, избраниците на Зарков и Марковски имаа највисоки шест гола разлика, која се одржуваше до самиот крај на дуелот. Во еден момент успеавме да стигнеме до минус три гола, но Работник направи нова серија и успеа да “побегне“ на 22:31. Во последните шест минути успеваме да постигнеме повеќе гола од противникот и да го завршиме мечот со поблаг пораз. Да се напомене дека во составот на Вардар Јуниор недостасуваа Ончев, Ѓоргески и Недановски, кои се наоѓаат на подготовки во Крањска Гора.
Најефикасни во нашиот состав беа Мартин Манасков со 6 и Александар Димовски со 4 погодоци.
Вардар јуниор: Кизиќ, Филиповски, Ивановски, Стојковски 1, Ристов 3, Манасков 6, Кукуловски, Димовски 4, Симиќ, Николовски 1, Ангелов 3, Вујачиќ 3, Трпчевски 1, Димов 3, Анастасовски, Попов 1, Георгиевски 2.