И покрај тоа што не е завршена оваа сезона, екипата на РК Вардар полека но сигурно го гради составот и за следната натпреварувачка сезона. Изминатиов период беа продолжени договорите со четири нови ракометари, кои ја продолжија верноста со клубот. Прв повлече рака Игор Карачиќ кој и покрај бројните шпекулации за негово заминување се одлучи да остане во тимот, каде сигурно го достигна врвот на неговата кариера и стана познат на светската ракометна јавност. Карачиќ ќе го гледаме во Вардар според новиот договор и во следните две сезони. Столбот во нашата одбрана, Илија Абутовиќ и играчот кој е во Вардар уште од “ерата“ на Вујовиќ изминативе денови стави потпис на нов договор, според кој во Вардар ќе остане најмалку уште три сезони. Ова за него е веќе шесста во црвено-црниот дрес, а клубот знаеше да ја награди неговата пожртвуваност и борбеност, според која Вардар го чини да има една од најдобрите одбрани во Европа. Младиот Вуко Борозан кој на почетокот на оваа сезона дојде од најсилната бундеслига од екипата на Либек, ги оправда очекувањата во стручниот штаб на клубот и на тренерот Гонзалес и тој во наредните четири години ќе биде дел од екипата, која атакува на европска титула. Борозан е млад но многу потенцијален ракометар, пред кого времето допрва доаѓа, а неговите квалитети се несомнени и веќе докажани на натреварите оваа сезона. Последниот кој вчера официјално потпиша нов договор е Руското крило, Данил Шишкарев кој најмалку уште една сезона ќе ги брани боите на Вардар. Тој и Чупиќ и следната сезона ќе ја сочинуваат двојката на позицијата десно крило.
Важечки договори со Вардар имаат голманот Страхиња Милиќ и тоа до 2019 година, како и Тимур Дибиров до 2020 година. Исто така уште најмалку една сезона треба да одработат Лука Циндриќ, “велинчествениот“ Арпад Штербик кој оваа сезона брни во голема форма, капитенот Стојанче Стоилов, потоа Александер Деревен како и шпанецот Хорхе Македа. Активни договори уште две, односно три сезони имаат и Мораес Фереира, како и Иван Чупиќ. Оваа година договорот му завршува на Петар Ангелов кој според шпекулациите може да “заплива“ во тренерските води, како тренер на голманите во првиот тим на Вардар. Исто така од Вардар може да замине и левото крило Владо Недановски. Познато е дека по четири сезони поминати во Вардар, Алекс Душебаев се сели во Киелце, каде како тренер работи неговиот татко.
Што се однесува до новите ракометари, тука е веќе Јана Војводиќ кој игра на позицијата среден бек и веќе запиша настапи за екипата во купот на Македонија. Се работи за 22 годишен ракометар кој доаѓа од екипата на Металург. Неговите квалитети не ни се многу познати, но се надеваме дека Гонзалес ќе направи правилен избор, како што е случај со многу претходно ракометари. Најзвучното засега име за следната сезона е Даинис Кристопанс кој се реши да потпише тригодишен договор, кој започнува во новата натпреварувачка сезона. Се работи за 26-годишен ракометар кој доаѓа од тимот на Брест Мешков, кој е висок 2.13 см. Тој сезоната во ЛШ ја заврши со 76 постигнати голови и е втор најдобар стрелец во неговиот тим за оваа сезона во најголемото ракометно натпреварување. Засега нема најавени нови имиња, кои би можеле да го засилат тимот во новата сезона. Најважно е дека ја задржавме основата на тимот, која оваа сезона го направи најголемиот историски успех за клубот и ракометот во Македонија. Се надеваме дека ќе одиме не само еден туку и два чекори понапред на завршниот турнир во Келн. Колекцијата на трофеи ја збогативме со третиот од СЕХА-лигата, а имаме можност да освоиме уште најмалку три оваа сезона.