Екипата на РК Вардар е последниот патник на завршниот турнир од купот на Македонија. Вечерва избраниците на Раул Гонзалес стигнаа до нова рутинска победа, против екипата на Радовиш на гостински терен. Ова беше финалниот меч во четврфиналната група на купот, по што црвено-црните се најдоа на Ф4 кој ќе се одигра во Битола.
Само во првите шест минути домашниот тим беше рамноправен противник, кога имаше и водство, кое не беше поголемо од еден гол разлика. Тоа беше се што успеа да стори екипата на Радовиш на овој дуел, бидејќи како течеше првото полувреме, црвено-црните ја зголемуваа својата предност. На седум минути пред крајот на првото полувреме истата беше и двоцифрена, кога резултатот на семафорот беше 6:16. До истекот на првите 30 минути, истата порасна на уште два погодоци плус, за на одмор да заминеме со високо водство од 9:21.
Вториот дел беше само чиста рутина и одбработување на мечот, каде Вардар немаше поголеми проблеми да издвојува висок триумф. Функционираше нашата игра подеднакво добро и во нападот и одбраната, а Радовиш беше немоќен да стори нешто повеќе. На крајот неможеше ни да избегне висок пораз, кој беше изразен со резултат 19:44. Повторно настапивме со комбинирана екипа, штедејќи ги силите за завршниот турнир најпрво во купот, но и за она најглавното што не очекува на 3 и 4-ти јуни во Келн. Денес најефикасен беше Шишкарев кој постигна 10 голови. Се истакна Дибиров, но и најновото последно засилување, Војводиќ кој постигна 6 голови, исто како и Деревен.
РК Вардар: Штербик, Стоилов 5, Недановски 2, Милиќ, Македа 2, Деревен 6, Душебаев 5, Кањељас, Дибиров 7, Шишкарев 10, Борозан, Војводиќ 6, Марсениќ 1.
Во полуфиналето на купот, во сабота од 20:30 часот се среќаваме со екипата на Металург.