Екипата на РК Вардар успеа да се пласира на завршниот турнир од купот на Македонија, откако денес излегоа како победници во четвртфиналната група. Вардар беше домаќин во малата сала на С.Ц. Јане Сандански а во финалниот дуел ја победи екипата на Металург Јуниор. Гонзалез комбинираше и на вториот дуел, откако утрово високо го победи тимот на Металург 2. Вечерва исто така одигравме колку што е потребно и рутински триумфиравме. Уште по првото полувреме имавме висока предност од 28:11 и си го олеснивме патот до конечната победа. Во вториот дел му дозволивме на противникот да постигне само шест голови, наспроти вардарци кои ја полнеа мрежата на Металург Јуниор. За разлика од првиот меч на кој одличен на голот беше Ѓорѓески, против Металург Јуниор се истакна Страхиња Милиќ, кој го заврши натпреварот со 19 одбрани. На крајот голема победа, изразена со резултат 53:17.
Најефикасен беше Шишкарев кој постигна 14 голови, додека Марсениќ постигна 7. На првиот меч против Металург 2, црвено-црните постигнаа 52 голови, а најефикасен на тој дуел беше Фереира со 14 голови.
ВАРДАР: Ѓорѓески, Милиќ, Стоилов 6, Недановски 3, Поповски 6, Кристопанс 5, Карачиќ 2, Абутовиќ 1, Циндриќ 3, Дибиров 2, Шишкарев 14, Војводиќ 4, Марсениќ 7.
Вардар ќе има можност да го брани трофејот во купот и тоа најверојатно во истата сала и град, каде и минатата сезона станавме шампиони. Покрај Вардар на завршниот турнир ќе играат уште и екипите на Пелистер Металург и Еурофарм Работник.