Thursday ,02 May 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Рутинска победа за РК Вардар против домаќинот Струга
Рутинска победа за РК Вардар против домаќинот Струга

Рутинска победа за РК Вардар против домаќинот Струга

Вардар со висока победа го стартуваше 51.издание на традиционалниот ракометен турнир во Струга. На отварање на турнирот бевме подобри токму од домашниот тим на Струга.

Откако двете екипи постигнаа по еден гол на почетокот, следеше серија на вардарци од шест последователни голови, со кои уште во 10.минута се одлепи на водство од 1:7. Мартин Томовски беше добар на нашиот гол, со пет одбрани после 20.минути игра. Избраниците на Недановски погодуваа од различни позиции, а имаше играчи кои по два пати се запишуваа во листата на стрелци, како Петриќ, Јасухира, Срдановиќ, Ќосески и Аларов. На полувреме, црвено-црните имаа предност од 8:15. Срдановиќ беше најдобар стрелец во првиот дел со 3 постигнати голови.

Со голот на кубанскиот интернационалец, Родригез, Вардар по шест минути игра во вториот дел стигна и до двоцифрена предност од 8:18. Недановски им даваше шанса за настап на сите играчи, кои денес беа во составот, а на голот го видовме и младиот Гогов кој забележа две одбрани. Ниту во еден момент не беше загрозено нашето водство, кое само растеше. Со третиот гол на Јагуриновски, Вардар имаше високи 10:23 предност. Конечниот резултат гласеше 17:29.

Ален Ќосевски беше најдобар стрелец со 5 гола, додека Срдановиќ и Петриќ имаа по 4. Васил Гогов имаше 8 одбрани, додека Мартин Томовски 6 интервенции.