Поранешниот шампион на Европа, тимот на РК Вардар полека го комплетира играчкиот кадар со кој ќе настапи во новата натпреварувачка сезона. Засега од клубот официјално потврдија две нови засилувања, тоа се Стас Скубе и повратникот во екипата, Сергеј Горбок, а официјализација треба да добијат и новиот голман, Дејан Милосављев и десниот бек од Русија, Дмитри Киселев.
Со овие нови играчи, црвено-црните ги потполнија испразнетите места по заминување на неколку ракометари и полека ја комплетираат екипата за новата сезона. Голманската тројка ќе ја сочинуваат Страхиња Милиќ, Даниел Ѓорѓески и Дејан Милосављев. На крилните позиции остануваме со истите играчи кои беа дел и од претходните две сезони. Тимур Дибиров и Владо Недановски на левата и Данил Шишкарев, Мартин Поповски и Иван Чупиќ на десната крилна позиција. Единствено останува прашањето кој ракометар ќе го потполни испразнетото место на пикерската позиција, после заминувањето на Мијајло Марсениќ. На оваа позиција останаа Стојанче Стоилов кој го продолжи договорот со Вардар на уште две нови сезони и бразилецот Мораес Фереира. Дали Вардар е во потрага по нов трет пикер останува да видиме во наредниот период, кога екипата целосно треба да се комплетира пред започнувањето на подготовките, кои стартуваат на 24-ти јули. На позицијата десен бек ќе напаѓаат Даинис Кристопанс и како што напоменавме Дмитри Киселев кој треба да пристигне од екипата на Санкт Петербург. Левата бековска позиција ќе ја сочинуваат Вуко Борозан и повратникот, Сергеј Горбок. Организатори на играта ќе бидат Игор Карачиќ, Стас Скубе и Јана Војводиќ.
Како што е познато нов предвоник од клупата ќе биде шпанецот, Гарсија Парондо, а не е познато кој ќе биде неговиот асистент. Дали тоа ќе биде тренерот на голманите, Дејан Периќ или некој друг останува да видиме во наредниот период. Вардар во новата натпреварувачка сезона ќе настапи со малку поизменет состав, но амбиците на екипата остануваат исти, а тоа е освојување на сите четири трофеи.