Ракометарите на Вардар се поразени на гостувањето во Белград, кај екипата на Партизан, која славеше со резултат 28:22.
Откако Вардар во два наврати поведе со головите на Куни Моралес, следеше серија на Партизан од четири последователни голови, за во 8.минута да имаат предност од 6:2. Домашниот тим од тие моменти беше постојано во предност, но Вардар ниту во еден момент не се предаде. Во 16.минута преку Талески намаливме на 10:8, за да следи еден наш лош период во играта, кога дозволивме домашниот тим со серија од 3:0 да поведе со највисоки 13:8 во 22.минута. Вардар не дозволи на полувреме да замине со недостижна негатива, заигра поцврство во одбраната, додека бевме ефикасни и во нападот. Успеавме да направиме серија од 0:5, со два гола на Талески, и по еден на Чувара, Аларов и Јагуриновски, за по 27.минути игра да го израмниме резултатот на 13:13. На полувреме, Партизан се стекна со предност од еден гол, резултатот по 30 минути игра гласеше 15:14. На нашиот гол, Томовски имаше 5 одбрани, додека Талески беше најефикасен со 6 голови.
Противничкиот голман, Трнавац, беше еден од најзаслужните што Партизан имаше предност и по пет минути игра во вториот дел. Српскиот чувар на мрежата ја држеше предноста на својот тим со 13 одбрани, додека кај нас Томовски стигна и до 7 одбрани. При водство на Партизан од 18:15, вардарци повторно се враќаат во игра, со серија од три гола успеваат во 42 минута преку Талески да го израмнат резултатот на 18:18. Трнавац денес едноставно беше нерешлива енигма за Вардар, стигна и до 18 одбрани, а неговиот тим се одлепи на 25:20 по што беше јасно дека ќе ги освојат бодовите. На крајот конечниот резултат гласеше 28:22.
Во нашите редови најефикасен беше Филип Талески со 9 постигнати голови.