Вардар успеа да слави и на реванш натпреварот од 1/4 финалето во СЕХА-лигата, откако победи и во Нови Сад со резултат 26:32. Иако на полувреме имавме негатива од четири гола, сепак во второто полувреме со многу подобра игра успеавме да ја обезбедиме победата.
Екипата на Војводина цело прво полувреме беше во предност, најголемата разлика која ја имаа во еден дел од натпреварот беше пет гола. Откако Вардар го израмни резултатот на 1:1, следеше серија на противникот од пет последователни голови, за по 8.минути игра да имаат водство од 6:1. Вардар успеа некако да ги консолидира своите редови, па со головите на Талески и Георгиевски да намали на 8:5 во 14 минута. Следеше период од три минути без гол на двете страни, за домашниот тим да сврзе два гола и да поведе со 10:5, но следеше добар период во нашата игра, кога со погодоците на Аларов, Моралес и Георгиевски да намалиме на 10:8 по 20 минути игра на теренот. Во последните десет минути од првиот дел, Војводина одигра подобро и на одмор замина со предност од 15:11.
Во првите три минути од вториот дел, домашниот тим ги врати оние највисоки пет гола разлика (18:13) по што следеа седум минути од натпреварот во кои избраниците на Недановски направија голема серија од 1:7, за прв пат во 41.минута со голот на Јан Чувара да имаат водство од 19:20. Најзаслужни за серијата беа Георгиевски, Чувара и Талески кои постигнаа по два гола во тој период, за резултатски пресврт на натпреварот. Во 43.минута противникот го израмни резултатот, но „залетаните“ Георгиевски и Чувара кои до тој период имаа стопроцентен ефект на постигнати голови, донесоа највисоко водство од 21:24. Војводина како да го губеше чекорот, па со голот на Јагуриновски имавме солидна предност од 22:26 во 47 минута. Вардар ја одржуваа предноста, за на крајот да слават победа со резултат 26:32.
Гоце Георгиевски беше најефикасен на натпреварот со 10 постигнати голови од исто толку обиди, додека Чувара имаше 7 и Талески 6 погодоци. На голот, Гогов имаше 6 одбрани, додека Томовски 2.