Нашиот ракометен шампион заврши на првото место во најсилната група Б и обезбеди директен пласман во четвртфиналето од најголемото ракометно натпреварување. За прв пат црвено-црните завршуваат како први во група и обезбедуваат учество во најдобрите осум екипи, иако и во последните три сезони беа дел од најдобрите осум во Европа. Вардарци ја завршија групната фаза со десет победи и четири порази, или вкупно 20 освоени бодови, кои беа доволни за прво место на табелата. Во два наврати бевме подобри од екипите на Кристијанштад, Целје и Пик Сегед, додека по една победа и пораз имавме во дуелите со Киелце, ППД Загреб, Брест Мешков и Рајн-Некар.
Што се однесува до статистичките податоци, Вардар е трета најдобра екипа според освоените бодови. Пред нив се само екипите на Барселона и ПСЖ, кои беа дел од другата група А. Трети сме во однос и на најдобра гол разлика (+34), додека по ефикасноста Вардар има четврти најдобар напад. Него убедливо го предводи ПСЖ (451). По нив следуваат екипите на Киелце (415), Барселона (413) и Вардар кој има постигнато 412 голови. Што се однесува до најдобрите стрелци во Вардар, тој примат му припаѓа на Алекс Душебаев кој до овој момент има постигнато 64 голови, втор е Тимур Дибиров со 59, додека трет по ефикасност е Игор Карачиќ зад чие име има 48 погодоци.
Како што споменавме нашиот шампион е веќе четврта сезона во четврфиналето од ЛШ. Во претходните сезони последни пречки кон завршниот турнир во Келн беа Фленсбург, Киелце и Веспрем. Оваа година Вардар во 1/4 го чека подобриот од дуелот Фленсбург-Брест Мешков. Во сезоната 2013/14 беавме најблиску до Келн, но само поради еден единствен гол испаднавме од можеби нашиот нареден противник. Дали овој пат среќата ќе се насмевне за Вардар останува да видиме. Прво не очекува завршниот турнир на СЕХА-лигата, каде ќе атакуваме на третиот трофеј, па потоа сите мисли ќе ги насочиме кон двата меча во ЛШ.