Monday ,02 December 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Вардар ја продолжи победничката низа, поразен и Татран Прешов во гости
Вардар ја продолжи победничката низа, поразен и Татран Прешов во гости

Вардар ја продолжи победничката низа, поразен и Татран Прешов во гости

Екипата на Вардар стигна и до третата победа во СЕХА-лигата, откако вечерва славеше на гостувањето кај екипата на Татран Прешов. Црвено-црните момци триумфираа со резултат  22-29 (8-10)

Натпреварот започна со по една одбрана на двете страни, кај нас Кугис, додека на спротивната страна, Чуприна му одбрани удар на Горбок. Погодуваме дури после пет минути игра, откако Кристопанс ја награди и втората одбрана на Кугис, за да го израмни резултатот на 1:1. Игравме добро во одбраната, а домашниот тим тешко доаѓаше до ситуација да упати удар кон нашиот гол, затоа Вардар најпрво со вториот гол на Кристопанс, а потоа и на Чупиќ во 9.минута да стигне до прва предност на мечот од 2:3. На денешниот дуел во составот го немаше Дисингер, додека на клупата одмараше Дибиров, а шанса да стартува доби младиот Димитриоски, па токму со неговиот прв гол, црвено-црните дојдоа до водство и од 2:4 после 10 минути игра. Веќе шест минути противникот беше без гол и идеја во нападот, додека вардарци го зголемуваа своето водство и на три гола разлика, а Рабек беше играчот кој ја прекина лошата серија на неговиот тим за намалување на 3:5. Се разбрани домашниот голман, а тоа не беше добро за нас, откако во една акција не успеа да погоди најпрво Горбок, а потоа и Димитроиски, додека Татран тоа го казнува за намалување на 4:5 после 17 минути игра. Следи лош период и за Вардар, во кој не успеваме да постигнеме гол шест минути, додека Татран успева со нов гол да го израмни резултатот на 5:5 во 20 минута од натпреварот. Нови две одлични одбрани на Кугис, вкупно пет за неговото име кој имаше 50% на одбранети удари до овој период од дуелот, но Вардар не успева да зголеми откако Дибиров ја погоди стативата од голот на Татран. Благодарение на новата интервенција на Кугис, а со головите на Дибиров и Горбок, успеавме да поведеме со 6:8 на шест минути пред крајот на првиот дел. Прв гол и за пикерот Пелко откако го замени Горпишин, додека Дибиров промашува и по трет пат и не носи зголемување на водството. Вардар ја одржуваше предноста благодарение на Кугис кој бранеше одлично во првото полувреме, одбрани и седмерец и ја запиша седмата одбрана зад неговото име. После 30 минути игра, нашиот шампион имаше водство од 8:10.

Сергеј Горпишин беше играчот кој успеа да постигне два гола за Вардар во вториот дел и да зголеми на 10:13 по пет минути игра. Браво и за Кугис кој продолжи со своите одбрани, вкупно десет за летонецот, а Калараш и Чупиќ погодуваат за највисока предност на Вардар од 10:15 во 36 минута. Одлично играме повторно во одбраната, а вардарци делуваа супериорно и во нападот, каде ја полнеа противничката мрежа. Со нови два гола на Дибиров, веќе имавме убедливи 11:18, што беше знак за противничкиот тренер да побара тајмаут. Не помогнаа многу советите на Голужа, со оглед дека нашиот шампион стигна и до двоцифрена предност од 13:23 во 45 минута, додека Кугис веќе стигна и до 14 одбрани, од кои многу беа и зицери.  Се до крајот ние умешно го контролиравме дуелот, не дозволивме значајно намалување на високата предност. Во финишот доби шанса младиот голман Марко Кизиќ, одлично одбрани и впиша неколку  одбрани. Победата дојде со резултат  22-29.

Дибиров постигна пет гола, Горбок и Шишкарев имаа гол помалку, со бројот три зад своето име завршија: Пелко, Калараш, Чупиќ и Кристопанс. Кугис имаше 14 одбрани, младиот Кизиќ впиша 4.