Репрезентацијата на Русија обезбеди пласман на СП, кое наредната година ќе се одигра во Германија и Данска. Избраниците на Кокшаров успеаа да ја надоместат негативата од еден гол, која ја имаа по првиот дуел на гостински терен и пред својата публика високо ја совладаа Чешка, со резултат 29:21
Стартот на мечот им припадна на Русија, кога беа во водство од 2:0, за противникот да донесе израмнување на 3:3 и 4:4. Следеа два последователни голови за домашната селекција, која од тој момент имаше контрола на резултатот. По десет минути игра имаа и водство од 8:5. Во три наврати од првиот дел имаа и највисоки пет голови предност, но Чешка до истекот на првите 30 минути успеа да намали на 14:11, за внесе неизвесност и во вториот дел.
Првиот гол во вториот дел го постигнаа избраниците на Кокшаров, кои поведоа со 15:11. Се до последните десет минути од мечот, Русија имаше предност, која се движеше од 2-4 голови разлика. Последната резултатска неизвесност беше при резултат 22:20, кога следеше “потоп“ на чесите, со оглед дека до крајот на дуелот, Русија направи серија од 7:1 и го заврши овој реванш натпревар со убедлива победа од 29:21.
Од играчите на Вардар, Шишкарев постигна 4 голови, додека Дибиров 3. Новото засилување и повратникот во Вардар, Горбок беше стрелец на пет голови.