Изминатиов викенд се комплетираше десеттото коло во лигата на шампиони, а во најсилната група Б највеќе “профитираше“ екипата на РК Вардар која се врати на првото место на табелата. Победи издвојуваа уште и Брест Мешков, Кристијанштад и Рајн-Некар.
Вардар стигна до победа во дуелот со екипата на Загреб и на тој начин му врати на противникот за оној пораз во Хрватска. Имавме добар старт на натпреварот каде поведовме со 4:0. Во следните десет минути ја одржувавме оваа разлика, а највисоката во првиот дел беше шест голови (10:4). На полувреме се замина со предност од 14-8 за нашиот тим. Имвме контрола на резултатот и во вториот дел, кога стигнавме до најголеми седум голови разлика (17:10). Немавме поголеми проблеми до крајот, па по истекот на 60-те минути резултатот на семафорото гласеше 25:20. Душебаев постигна 7, додека кај Загреб прв стрелец беше Марковиќ со 6 погодоци.
Дербито на колото му припадна на Рајн-Некар кој по втор пат сезонава го доби дуелот со актуелниот европски шампион, екипата на Киелце. Може да се каже заслужена победа на бундеслигашот кој имаше постојано водство во текот на целиот меч. Започнаа со предност од 3:0, а гостинкиот тим првиот гол го постигна во 4 минута. Во првите 30 минути предноста за бундеслигашот се движеше од 2-4 голови разлика, а а само еднаш и тоа пред крајот на првиот дел Киелце успеа да намали на еден гол разлика. Избраниците на Јакобсен имаа водство од 11:7 и 14:10, за екипата на Киелце со головите на Штрлек да намали на 14:13. Сепак во последните 50 секунди следеше брз одговори на Рајн-Некар кој врати со два погодоци за на одмор да замине со предност од 16:13.
И во вториот дел Рајн-Некар имаше контрола на резултатот, највисокото водство беше она при резултат 21:16. Штрлек за момент донесе неизвесност кога на пет минути пред крајот намали на 25:23. Сепак домашниот тим не дозволи изненадување и на крајот славеше со конечни 28:25. Сигурдсон беше најефикасен со 7 голови, додека кај поразениот се истакна Агинагалде со 5 погодоци. Голем удел во победата има и голманот Андреас Палицка.
Значајна победа во борбата за висок пласман во оваа група забележа и екипата на Брест Мешков во дуелот со “фаворизираниот “тим на Пик Сегед. Домашниот тим имаше почетно водство од 2:0, а потоа и од 9:5, но Пик Сегед брзо се враќаше во мечот и го израмнуваше резултатот на 9:9, потоа и 11:11. Во последниот дел од првото полувреме следевме израмнета игра и на одмор ниедна од екипите немаа предност (14:14). Продолжи израмнетата игра и во второто полувреме. Сепак Брест Мешков повторно прв го прави решавачкиот чекор и успева да поведе со 20:17. Во последните четири минути во два наврати Пик Сегед го намалуваше резултатот на еден гол, но во финишот Мешков ја задржа предност и на крај забележа триумф од 25:23. Џамали беше најдобар стрелец кај победникот со 8 голови, додека на спротивната страна Калман постигна 6.
Изненадување во групата направи екипата на Кристијанштад која успеа да слави на гостувањето во Словенија, против екипата на Целје П.Л. Тука гледавме многу неизвесен натпревар и до самиот финиш ббеше неизвесно каков ќе биде конечниот исход. По првото полувреме резултатот беше израмнет на 13:13. Во второто полувреме исто така гледавме израмнет меч и ниту една од екипите не направи поосетлива предност. Во самит финиш на мечот, односно на две секунди пред крајот Блаж Јанц направи груб фаул, кој судиите го окарактериизираа со удар од седум метри. Прецизен беше крилото Толбринг кој погоди за триумф од 27:28 за големо славје на Шведскиот шампион. Повторно херој на Кристијанштад беше голманот Небојша Симиќ кој запиша 17 одбрани, додека најефикасен беше Соренсен со 7 голови. Кај Целје, Јанц имаше 8 голови.
По одигрување на ова коло Вардар е на врвот на табелата во групата Б:
1. Вардар 14
2. Киелце 14
3. Пик Сегед 13
4. Рајн-Некар 13
5. Брест Мешков 11
6. Кристијанштад 6
7. Целје П.Л. 5
8. ППД Загреб 4
Двојки за следното единаесетто коло се:
Пик Сегед- Вардар
Целје П.Л – Киелце
Кристијанштад – Рајн- Некар
Брест Мешков – ППД Загреб