Friday ,26 April 2024
Последни:
Home > Интервјуа > Божидар Симиќ за Вардарфанс: Среќен сум, што дојдов во ваков голем и успешен клуб
Божидар Симиќ за Вардарфанс: Среќен сум, што дојдов во ваков голем и успешен клуб

Божидар Симиќ за Вардарфанс: Среќен сум, што дојдов во ваков голем и успешен клуб

Божидар Симиќ е најновото име во втората екипа на Рк Вардар, кој ја предводи легендарниот Пепи Манасков. Овој тим успеаа за една сезона да се пласира во најсилната супер-лига, па и амбициите за претстојната сезона се многу поголеми. Симиќ настапува на позицијата среден бек и е вториот црнагорски интернационалец после Ристо Вујачиќ во овој тим.

-Со обзир дека мојот татко е тренер на голманите во првиот тим на Вардар, дојдов тука на почетокот на годината, за да тренирам во Вардар. Тогаш прв пат се запознав со играчите кои настапуваат за втората екипа.

Симиќ имал можност неколку дена да тренира со првата екипа и да ги задоволи вкусовите на шпанскиот стратег.

-Ми беше голема чест и бев многу среќен што добив прилика да тренирам со ракометари кои ги гледам на телевизија, односно со мои идоли и едни од најдобрите во денешно време. Исто така да учам од тренер како што е Раул Гонзалес, кој е голем стручњак и пред се човек. Многу сум задоволен од тоа што го покажав на тренинзите. Тоа што дојдов тука е многу битно и значи дека сум напредувал, Вардар ќе биде одскочна даска за продолжување на мојата кариера. Среќен сум што дојдов во ваков голем и успешен клуб.

Во претстојната сезона, овој млад ракометар ќе настапува за втората екипа на Рк Вардар. Негови претходни клубови биле Улцињ и Морнар.

-Моите амбиции се со напорна работа да напредувам и да се обидам да се докажам и пробијам што повеќе. За сега мислам дека првиот тим е премногу за мене, но за некоја година зошто и да не. Мислам дека со силна желба и напорна работа, дека може се да се постигне.

Скопје е нова средина, но и предизвик да работи под водство на Пепи Манасков.

-За мојот тренер Пепи Манасков слушнав многу добри работи и знам дека бил еден од најдобрите играчи на свет. Од него можам само многу работи да научам. Скопје е прекрасен град и ми се допаѓа, многу е поголем од мојот роден град Бар, од каде и доаѓам. Се надевам со тек на времето дека ќе се снајдам, изјави Божидар Симиќ за Вардарфанс.

Звонко Ивановски