Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Започнува битката за пласман на нов завршен турнир во ЛШ, Вардар гостува на Кил во “Шпаркасе арената“
Започнува битката за пласман на нов завршен турнир во ЛШ, Вардар гостува на Кил во “Шпаркасе арената“

Започнува битката за пласман на нов завршен турнир во ЛШ, Вардар гостува на Кил во “Шпаркасе арената“

Кил ќе биде последната пречка за актуелниот Европски шампион кон патот до ново учество на завршниот турнир во Келн. Денес со почеток од 17:00 часот во “Шпаркасе арената“ ќе се одигра првиот четвртфинален меч во Лигата на Шампионите, помеѓу екипите на Кил и Вардар.

Црвено-црните обезбедија директен пласман во четвртфиналето, откако завршија на првото место во најсилната група А, додека Кил мораше да одигра дополнителни два натпревари за биде помеѓу најдобрите осум екипи. Ова ќе биде нивни петти меѓусебен натпревар, а претходно на три пати победила екипата на Кил, додека еден меч го добил Вардар, но последното соочување било дури пред осум години, кога победил Кил и тоа убедливо.

Избраниците на Гисласон се наоѓаат во одлична форма, а тоа го покажуваат остварените резултати во бундеслигата во последниот месец дена. Тие се наоѓаат во серија од пет последователни победи, со кои добија можност да се борат за место кое и следната сезона им носи учество во најголемото ракометно натпреварување. Во осминафиналето на ЛШ ја елиминираа екипата на Кил, откако во истава арена каде денес ќе се одигра натпреварот, убедливо го совладаа тимот на Пик Сегед, додека на реваншот беа минимално поразени со еден гол разлика.  Најдобар стрелец во редовите на Кил е Марко Вујин кој има постигнато 62 голови, додека втор на оваа листа на најдобри стрелци е крилото е пикерот и репрезентативец на Германија, Патрик Винцек кој засега запиша 61 гол, додека на третото место е Никлас Екберг со 57 голови. Кил го има еден од најдобрите голмански тандеми во Европа, се работи за Никлас Ландин и Андрес Волф кои знаат да бидат многу незгодни за противничките екипи, доколку имаат свој ден на голот. Никако не смееме да ги заборавиме и Домагој Дувњак кој мака мачи со повредите оваа сезона, но сепак ке настапи на двомечот со Вардар, како и организаторот на играта, Миха Зарабец, а тука е и десниот бек, Ванјхолд кој знае исто така да биде опасен доколку се разигра.

За тренер го имаат Алфред Гисласон кој веќе десетта година е дел од тимот, со кој ја освои Лигата на Шампионите во 2010 и 2012 година, додека во 2013 година беше дел од завршниот турнир на најдобрите четири екипи. Минатата сезона не се пласираа на Ф4 и во четвртфиналето беа елиминирани од екипата на Барселона. Се работи за тим со богата историја и со голем број на освоени трофеи, како на домашната, така и на меѓународна сцена.

Вардар влегува во овој четвртфинален двомеч во одлично расположение со оглед дека пред седум дена успеа да ја освои СЕХА-лигата. Многу пати Вардар покажал дека му лежат германските екипи, такви биле победите на гостински терен против Рајн-Некар, минатата сезона во 1/4 против Фленсбург, како и елиминацијата пред четири години на екипата на Хамбург, која во таа сезона беше актуелен шампион на Европа. Гонзалез знае како е да се игра со тимовите од бундеслигата, па се надеваме дека и вечерва добро ќе го постави тимот и пред се одбраната, која знае да биде решавачки фактор на ваквите натпревари, каде влогот е доста голем. Сите играчи отпатуваа за Германија и ќе му се дадат на располагање на тренерот Гонзалез за вечерашниот дуел. Очекуваме позитивен резултат на првиот натпревар на гостински терен, кој би ги зголемил шансите за пласман на Ф4. Директен пренос од денешниот дуел можете да проследите на МРТ-1, со почеток од 17:00 часот.