Пред четири години сигурно дека никој не веруваше дека Арпад Штербик ќе го засили Вардар и тоа токму од екипата на Барселона. Сопственикот на клубот, Сергеј Самсоненко силно го посакуваше најдобриот светски голман во црвено-црниот дрес и на крајот таа желба му се исполни, па Штербик ја замени Барселона со Вардар. Арпад веќе четврта сезона е дел од клубот кој е актуелен Европски шампион, со кој освои уште многу други трофеи. Во интервју за “Prastanja uspeha“, Штербик говори за сезоните поминати во Вардар, за освоената Европска титула и за амбиците на Вардар во оваа натпреварувачка сезона.
-Јас сум тука веќе четврта година, а нашиот тренер Раул Гонзалес пристигна половина година пред мене во Вардар. Полека ги сложувавме коцките како да стигнеме до завршниот турнир во Келн. Бевме добри ривали на сите екипи, кои играа со нас. Од Скопје на никој не му беше лесно да ги однесе бодовите. Во првите две сезони од моето доаѓање, каде и против кого да игравме, ниту најголемите Европски екипи не можеа да не победат со голема разлика. Секогаш бевме тука блиску за еден-два гола. Сепак нешто недостасуваше и во 1/4 мечеви бевме елиминирани од екипите на Киелце и Веспрем. Дури третата година ги склопивме сите коцки. Со мала доза на среќа која е повеќе од потребна, со сјајна екипа и добар тренер успеавме да стигнеме до врвот на Европа. Оваа сезона исто така играме добро, се бориме, но ќе видиме како тоа ќе изгледа кога ќе дојдат натпреварите со сериозни и појаки противници. Ако не бидеме комлетни, ќе биде тешко да го повториме успехот.
За жал од следната сезона, Штербик нема да биде на голот на Вардар, со оглед дека веќе потпиша договор со екипата на Веспрем. Арпад е желен за нови предизвици, но истакна дека неговата играчка кариера полека се ближи и дека сака да биде поблиску до дома.
-Младите играчи повеќе ги интересираат финансиските услови. Јас сум веќе во години, кога сакам да бидам поблиску до дома. Мене ми остана да играм уште една или две години, помалку или повеќе. Гледано од спортски аспект, не можам да бранам за клуб кој нема високи цели. Бидејќи тоа ме одржува во живот, така е веќе од 2001 година. Кога заминав од екипата на Југовиќ, секоја сезона се борам да ја освојам Лигата на Шампионите. Секако имаше успеси и неуспеси, секогаш бев во врвот меѓу најдобрите четири и осум екипи и сакам и понатаму така да продолжа. Едноставно не знам да живеам поинаку, истакна Штербик.