Ракометната Јуниор лига во која се вклучени ракометни школи од цела Македонија, продолжува успешно да функционира во нејзината прва година. Сите момчиња од најмлади, па се до највозраси имаат можност само преку оваа лига да се натпреваруваат и да ги покажуваат своите играчки квалитети. Натпреварите се играат секој викенд во спортскиот центар Јане Сандански, како и во ракометниот центар Кале. Задоволствата од лигата продолжуваат и понатаму од сите учесници. Една од школите која се натпреварува во “Јуниор лигата е РК Филип Вардар предводена од тренерите Александар Таневски и Марјан Николовски, а нивни член е Христијан Стојчески.
-“Јуниор Лигата“ која ја организира ракометниот клуб Вардар претставува пред се поле на кое може да се докаже секој од нас, да се научат нови работи и да се стекнат нови искуства и пријателства. Како дел од самата лига морам да признаам дека претставува предизвик за секој од нас. Најпозитивното во сето ова е тоа што секогаш е добро да се научи нешто плус од поискусните и да се стекне ново знаење од ракометната игра. Прво да успееме како тим, потоа ќе гледаме како поединец. Нашата екипа е составена од повеќе играчи, тимскиот успех го ставам како приоритетен пред личниот. Со оглед на тоа дека нашиот тим е составен од два клуба и тоа РК Филип Вардар и РК Илинден Вардар, морам да признаам дека резултатите се добри, но може да бидат и подобри.
РК Филип Вардар покажува одлични резултати во лигата. Сите ракометари напорно работат за да се докажат во што подобро издание на секој одигран меч.
-Во лигата сме на врвот на табелата со само еден пораз и две нерешени утакмици. Нашата цел на крајот е да бидеме шампиони, во генерација родени 1999/1998 година. “Јуниор лигата“ дефинитивно ја гледам како предизвик, бидејќи како и секој учесник во лигата би сакал еден ден да бидам дел од младинските екипи на ракометниот клуб Вардар, изјави Христијан Стојчески за Вардар фанс.
Звонко Ивановски