Неизвесно станува кога ќе продолжи СЕХА-лигата, поради настаната ситуација со корона вирусот. До крајот на сезоната треба да се одиграат уште реванш мечевите од 1/4 финалето меѓу екипите на Вардар-Нексе, односно Веспрем-Војводина.
Веќе се познати два учесници на Ф4 турнирот, тоа се екипите на ППД Загреб и Брест Мешков, а останатите два ќе бидат познати се надеваме што побргу. Победникот на деветтото издание на СЕХА-лигата нема да биде познат ниту на почетокот на месец април, кога беше предвиден и завршниот турнир во СЕХА-лигата, но затоа можеме со сигурност да кажеме дека ги имаме најдобрите два стрелци по завршување на оваа натпреварувачка сезона.
Микита Ваилупау од екипата на Брест Мешков сигурно ќе заврши како најдобар стрелец во лигата, со оглед дека има недостижна предност пред нашиот Тимур Дибиров, на кој му е обезбедено второто место, со оглед на разликата меѓу останатите играчи. Играчот на Мешков е неприкосновен на врвот со 103 постигнати голови, додека второто место е за Тимур Дибиров, кое не постои опасност да биде загрозено. Дибиров до пред одигрување на завршните мечеви има вкупно 58 погодоци, исто како и Ловро Јотиќ од Еурофарм кој ги заврши настапите во 1/8 финалето на ова натпреварување. Од 4-12 позиција се наоѓаат играчи кои доаѓаат од екипи, кои се елиминирани и нема да продолжат со настапи. На 13 и 14.позиција се наоѓаат Хорват и Шипиќ од ППД Загреб кои имаат по 40 голови, односно 18 голови помалку од Дибиров, а руското крило дополнително треба да го одигра дуелот со Нексе, што значи дека ќе ја зголеми разликата во однос на постигнатите голови.
Дибиров е на повидок да го повтори успехот од сезоната 2013/14 кога беше втор најдобар стрелец во лигата, но тогаш имаше постигнато 110 голови, односно само четири помалку од лидерот, Даинис Кристопанс, кој таа сезона настапуваше за екипата на Татран Прешов. Да напоменеме дека, Дибиров од неодамна постави „јубилеј“ од 500 постигнати голови во историјата на СЕХА-лигата.