Четврта последователна година, ракометниот клуб Вардар го организира најголемиот младински турнир “Вардар, еден живот, една љубов“, на кој настапуваат голем број на ракометни школи кои се дел од академијата на Вардар, во различни возрасни генерации, во машка и женска конкуренција. Веќе се познати првите освојувачи на медалите за оваа година, во машкиот дел кај генерацијата родени 2004/05 година. Освен медали и трофеи за најдобрите три екипи, се доделуваа и поединечни награди, односно се избираше идеалната седморка на турнирот. Матеј Трајановски кој прв пат има можност да игра на турнирот, доби признание за најдобро десно крило. Тој е дел од ракометната школа на Илинден и исто така дел од новоформираната селекцијата на РК Вардар, генерација родени 2004/05 година кои ги предводи Зоран Петковски. Во следново интервју, ќе ве запознаеме со играчот кој шутира со лева рака и може подеднакво добро да игра на позициите десен бек и десно крило.
1. Зошто баш ракометот го избравте како спорт, со кој во иднина ќе се занимавате и во кои се школи имате настапувано ?
-Испробав неколку спортови, но кога почнав да играм ракомет тој спорт највеќе ме привлече. Започнав да тренирам на 9 години во РК Илинден Вардар, потоа играв и за РК Кузман Вардар, седум месеци во Металург и еве сега сум дел од пионерите на РК Вардар и од РК Илинден за кого ќе настапувам во “Јуниор“ лигата и на турнирите, со цел да одржувам континуитет и натпреварувачка форма.
2. Со вашата екипа, Илинден од Скопје освоивте трето место на турнирот во организација на Вардар. Како ги видовте тие два натпреварувачки дена на С.Р.Ц. Кале ?
-Тие два дена на турнирот беа возбудливи, а најдостоен противник ни беше екипата на Карпош од Куманово. Од играта што ја прикажавме на турнирот не можам да бидам задоволен воопшто, а од друга страна бевме голем фаворит за освојување на истиот, на кои одиграве вкупно пет натпревари и имавме четири победи и еден пораз.
3. Карпош од Куманово е единствената екипа, која успеа да ви пружи најсилен отпор на последните два турнири, на кои вие со РК Илинден бевте дел од истите. Како гледаш на овие мечеви со нив, како и оној во борбата за третото место на турнирот, Вардар, еден живот, една љубов“ ?
-Повторно како најсилен противник ни беше екипата на Карпош од Куманово, која мислам дека заслужено го освои првото место на турнирот во органиација на Вардар, бидејќи одиграа колективно и беа најмногу сконцентрирани во моментите кога се одлучуваше победникот. Така беше и на натпреварот против нас, кога во полуфиналето успеаа да не совладаат. Јас сметам дека Карпош не ни е толку сериозен ривал, во споредба со грешките што ги направивме. Иако на моменти имавме четири гола предност и бевме подобри на теренот, сепак направиме многу технички грешки и имавме избрзани напади, а тоа на најдобар можен начин го казнуваше противникот. Во борбата за третото место бевме подобри од екипата на ГРК Гостивар, натпревар на кој одигравме слабо полувреме, но затоа во вториот дел да потсетиме на оној Илинден, кој успеа да го освои турниот, кој пред нова година се одвиваше во спортската сала “Гоце Делчев“, токму во наша организација. На крајот славевме со двоцифрена предност и се закитивме со бронзениот медал. Мора да се заблагодарам на ракометниот клуб Вардар за организацијата на турнирот, на кој јас прв пат имав можност да настапувам и се надевам дека ќе прерасне во голема традиција, кој ќе се одржува и во следните многу години.
4. На завршната церемонија добивте награда за најдобро десно крило и бевте дел од идеалниот тим на турнирот. Дали очекувавте дека баш вашето име ќе биде изговорено и што претставува оваа награда за вас, како млад играч ?
-Искрено не очекував да добијам награда за најдобро десно крило, со оглед на тоа колку квалитетни екипи имаше на турнирот, на кои настапуваат добри играчи. Во моментот кога го слушнав моето име се чуствував изненаден и многу возбуден, како тоа да беше во сон. Сепак ова признание е доказ за мојата напорна работа и вложен труд, како на тренинзите, така и на натпреварите, во годината која измина. Посветеноста спрема ракометот, ми овозможи се повеќе да напредувам и да достигнам некоја цел. Новата година започна добро за мене и се надевам дека така ќе продолжам и во иднина и ќе ја оправдам наградата, како и довербата од моите тренери.
5. Изминатата 2017 година сигурно ќе ја паметиш по приклучувањето во новата селекција на Вардар, тоа се пионерите кои ги предводи легендарниот “Зенга“. Како се случи тоа и како е да се тренира под “палката“ на Зоран Петковски ?
-Се случи да се приклучам на новата селекција во Вардар (пионери) така што тренерот Петковски барал леворак играч и мојот другар од Илинден, Андреј Петрушевски кој исто така е дел од Вардар ме предложил мене и јас секако прифатив. Конкуренцијата во Вардар е многу силна, нормално е тоа кога се работи за најголемиот клуб, не само во Македонија, туку и во Европа, па нормално е да играат само најдобрите. Не ми требаше многу време да се вклопам во тимот и играта на тренерот Зоран Петковски, иако потребно е уште да работам и максимално да се вложувам на секој тренинг. Тренерот Петковски има големо искуство, знаеме за каква ракометна легенда на Македонија станува збор и може да кажам слободно дека тоа е најдобриот тренер, со кој досега имам можност да работам. Максимално се труди да го извади максимумот и најдоброто од нас. Тој е човек кој постојано ни укажува на грешките кои ги правиме и разговара со нас и откако ќе заврши тренингот. Сигурен сум дека во иднина само ќе напредувам под негов тренажен процес, а првите резултати веќе излегоа на виделина, со освоената награда за најдобро десно крило.
6. Дарко Јанев, тоа е тренерот кој сигурно те научи на првите ракометни почетоци и кој сигурно има голем удел во тоа што си денес. Како го опишуваш него, како човек и тренер ?
-Дарко е прекрасна и пред се позитивна личност, која на нас играчите ни дава дополнителна енергија на натпреварите, на кои тој не предводи. Секако дека ќе го запаметам како човек, кој прв ме научи и внесе во ракометната игра и кој до ден денес учам од него, како дел од РК Илинден. Знае многу често со нас да биде како другар и постојано да не учи како да бидеме се подобри. Ќе го запаметам денот кога од Металург поторно се вратив да бидем дел од неговата школа, а тој со среќно и насмеано лице ми укажа дека сум добредојден во школата, во која тој и Александра Јанев работат. Сите ние кои сме дел од оваа школа сме среќни и благодарни што имаме вакви тренери.
7. Матеј кои се следните ваши цели кои сакате да ги достигнете со ракометот ?
Не размислувам многу за иднината, пред се да ме служи добро здравје и одам чекор по чекор. Посветеноста, желбата, љубовта спрема овој спорт, како и секојдневната работа и ангажираност се надевам дека ќе ме донесат на потребното ниво во ракометот.
Звонко Ивановски