Екипата на Рајн-Некар, против која играме во недела во рамките на најсилната група Ц од лигата на шампионите, претрпе нов пораз во бундес лигата. Ова е вкупно трет во серија за избраниците на Николај Јакобсен, втор во првенството и еден во лигата на шампионите, токму од екипата на Вардар.
Се до натпреварот со Мелсунген кој се одигра минатиот четврток, тимот на Рајн-Некар имаше серија од девет последователни победи, а беше и без пораз во најголемото натпреварување. Лошата серија започна токму во дуелот со Мелсунген, кој лавовите го загубија на гостински терен, а потоа за два дена следуваше гостување во Скопје, кај Европскиот шампион. И тука “лавовите“ беа надиграни и поразен од Вардар, а нов “шок“ за навивачите на оваа екипа им приреди Гепинген, кој успеа да му го нанесе третиот пораз на Рајн-Некар во бундес лигата. Рајн-Некар по овој пораз не е веќе на лидерската позиција и падна дури на четвртото место, но со натпревар помалку од првите три пласирани тима.
Со Гепинген се играше израмнет меч, каде во неколку наврати резултатот беше израмнет. Така беше и на полувреме, кога резултатот беше 14:14. Во последните пет минути од натпреварот, Гепенген поведе со два гола разлика, за Шмид да врати на ист начин и да израмни. Сепак во финишот на гостиниот му “пресуди“ токму поранешниот играч на Рајн-Некар, репрезентативецот на Србија, Жарко Шешум кој ги постигна последните два гола, за триумф на Гепинген (28:26).
Во недела, Вардар гостува кај Рајн-Некар, а евентуална победа на црвено-црните може да значи и освојување на прво место, по завршување на групната фаза.