Ракометарите на Вардар 1961 продолжуваат со одличните игри и победи, овој пат во рамки на македонската ракометна Суперлига беше совладана екипата на Бутел Скопје со резултат 27-34 (13-19).
Вардарци во текот на целиот натпревар имаа контрола на резултатот иако играа вечерва без браќата Њокас, Тото, Гаџа, Дијало.. По првите десет минути од дуелот Вардар имаше предност од 6-7. Потоа веќе во 20.минута, лидерот на табелата дојде и до високи плус шест, 8-14. До крајот на првиот дел, се играше гол за гол, па така на пауза се замина со висока предност на Вардар од 13-19.
Во вториот дел, во почетните десет минути, Вардар го контролираше текот на натпреварот со позитива од плус седум гола. Вреди да се напомене дека по подолга пауза во тимот се врати Кудуз. Домаќинот во продолжението од дуелот одигра подобро, па така во 48.минута имаше негатива од пет голови, 23-28. Стрелците кај Вардар вечерва беа доста расположени за голови. Во последните десет минути од дуелот се влезе со висока предност на Вардар, кој знаеше како да го чува резултатот. Во последните десет минути, Вујовиќ во нападот играше со млади сили, плус Кудуз кој одлично си ја завршија својата задача па така на крајот Вардар славеше победа со резултат 27-34.