Saturday ,20 April 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Вардар посакува со победа да ја заврши групната фаза, во Скопје ќе гостува екипата на Монпелје
Вардар посакува со победа да ја заврши групната фаза, во Скопје ќе гостува екипата на Монпелје

Вардар посакува со победа да ја заврши групната фаза, во Скопје ќе гостува екипата на Монпелје

Утре со почеток од 17:30 часот во С.Ц. Јане Сандански, Вардар ќе го одигра последното 14.коло во најсилната група Б, по што ќе биде познат пласманот на екипите во оваа група.

Европскиот Шампион и осма сезона по ред успеа да се пласира во осмина-финалето на ЛШ, а дилемата која останува пред овој меч е позицијата на табелата на која ќе заврши Вардар. Прашање е дали ќе останеме на позицијата на која се наоѓаме моментално, или можно е групната фаза да ја завршиме на 5.место. За тоа да се случи, Вардар треба да го победи Монпелје, а Порто да загуби на гостувањето кај екипата на Брест Мешков. Од конечниот пласман на табелата ќе зависи и со кој противник ќе играме во 1/8 финалето. Доколку завршиме на 6.место, се поочигледно е дека наш противник ќе биде екипата на Пик Сегед, што ќе биде „реприза“ на четврт-финалето од минатата сезона, кога Вардар беше подобар во двомечот, успевајќи да се пласира на завршниот турнир во Келн. Доколку се случи да го освоиме 5.место, во следната елиминациска рунда најверојатно не чека екипата на Алборг, која би требало да го освои четвртото место во групата, под услов да победи на домашен терен против екипата на Елверум. Од друга страна, без разлика на исходот од утрешниот дуел, Монпелје е сигурен на 4.место на табелата, а доколку сака да заврши на 3.позиција ќе треба да слави во Скопје, и да чека победа на Кил, кој гостува кај Киелце.

Вардар го доби првиот дуел одигран во Франција и тоа на стартот од сезоната, кога славевме со резултат 31:33, но од тој дуел се сменија работите. Вардар ги загуби Кристопанс и Атман, кои се преселија во други екипи, додека Монпелје игра одлично сезонава, речиси подеднакво добро, како на домашен, така и на гостински терен. Калараш и Горбок ги пропуштија последните тренинзи поради вироза, па Алушовски ќе има проблеми да ја состави екипата и за овој натпревар, а ротацијата ќе биде наш најголем проблем и на овој дуел. Монпелје во средата одигра натпревар во националното првенство, кој го доби минимално против екипата на Сент Рафаел, откако губеа на полувреме со два гола разлика. Титулата одамна е загубена во лигата, а неизвесен е и пласманот на Монпелје во ЛШ, за следната сезона, со оглед дека моментално се наоѓаат на четвртото место.

На вчерашната прес-конференција, од вардаровиот табор, најавија дека Монпелје е фаворит на мечот. Наш адут сигурно е дека ќе бидат навивачите, кои сме сигурни дека ќе исполнат арената Јане Сандански до последното место и до крајот ќе го поддржат Европскиот Шампион.