Утрово во спортскиот ракометен центар Кале се одигра контролен натпревар помеѓу екипите на РК Вардар 2 и Работнички. Нашиот млад состав предводен од Зоран Петковски испушти триумф и изненадување на овој дуел со противник кој игра во најсилната супер-лига.
Во натпревар со две различни полувремиња, истиот го загубивме во последните секунди од мечот. Одлично го започнавме дуелот на кој уште од првите минути го имавме водството. Солидна одбрана, брза транзиција и ефикасен напад, се функционираше беспрекорно за младите Вардарци во овој дел од мечот. По првите 30 минути имавме предност од 21:13. Во вториот дел имавме голем пад на играта, дозволувајќи на Работнички во последната минута да го добие овој интересен натпревар. Конечниот резултат гласеше 33:32. На овој меч во нашиот состав не настапија Лазов, Стоилевски и Петковски заради мали повреди и настинка. Сепак ова е голем резултат за овие млади момчиња, ако се знае дека игравме со суперлигашка екипа. Ова беше петти контролен натпревар за избраниците на “Зенга“, на кој забележавме две победи (Спартак и Куманово), нерешен резултат (Спартак) и два порази од екипата на Работнички.
Првата ракометна лига стартува на 1/2 октомври со гостински натпревар против тимот на Струга.
РК Вардар: Брауновиќ, Стојов, Трпевски, Дамчески, Чакалиќ, Амзоски, Димитров, Атанасовски, Мицановски, Мишевски, Апостоловски, Гичев, Трајковски, Стошиќ, Димковски, Стојановски, Крстевски, Ѓоршоски.