Ракометарите на Вардар денес во спортскиот центар Јане Сандански одиграа натпревар во супер лигата. Црвено-црните ја совладаа екипата на Борец од Велес со резултат 39:28.
Одлично започна натпреварот за нашиот шампион, кој по пет минути игра имаше водство од 4:0. Во следниот напад екипата на Борец го постигна првиот гол. Во наредните десет минути игра, избраниците на Гонзалес одржуваа водство кое се движеше од 3-4 голови разлика, но гостинската екипа од Велес успева во 19 минута од натпреварот со серија од 1:5 да го израмни резултатот на 9:9. Сепак ова беше последната резултатска неизвесност на овој натпревар. Веднаш вратија Вардар со четири последователни голови, за до полувреме да достигнат и највисоки шест голови разлика (19:13).
Во второто полувреме немавме поголеми проблеми околу играта и тоа кој ќе биде конечниот победник на овој дуел. Иако игравме без неколку стандардни играчи, како Абутовиќ, Борозан, Марсениќ и Шишкарев, Вардар покажа дека и во овој состав е пресилен за тимот на Борец. Гостите од Велес неможеа да парираат на разиграниот Вардар, кој како одминуваше натпреварот, предноста се повеќе растеше. На крајот конечниот резултат гласеше 39:28.
Шпанските репрезентативци, Македа и Душебаев постигнаа по 6 голови, додека 5 постигна капитенот Стоилов. Веќе во четврток се игра големото дерби, против екипата на Металург, кое најверојатно ќе го даде и новиот шампион на Македонија.