Нова рутинска победа за екипата на ЖРК Вардар СЦЈС на натпревар од најсилната супер лига. Младите Вардарки гостуваа на Прилеп кој го совладаа со резултат 17:45.
Интересно натпреварот започна со гол на Прилеп за водство од 1:0, за во следните минути да следи серија на Вардар од 0:7 за да има предност од 1:7. Како одминуваше првото полувреме, предноста се повеќе растеше во корист на нашите девојки. Одбраната функционираше беспрекорно, а брзите контра-напади ни овозможуваа постигнување на лесни голови. Избраничките на Симовски имаа и предност од 3:12, за во лседните пет минути да стигнеме до двоцифрена предност од 4:14. Оваа разлика ја одржувавме до крајот на првите 30 минути, кога резултатот на семафорот гласеше 10:21.
И во вториот дел, првиот гол им припадна на домашниот тим за намалување на 11:21, но врати Вардар со два погодоци во серија за зголемување на резултатот на 11:23. Прилеп се обидуваше да даде отпор на нашиот состав, во еден момент намали на 13:24, за црвено-црните со нова серија од 0:5 да стигнат до највисоки 13:29. Секогаш кога Прилеп ќе намалеше, Вардарки враќаа со серија од неколку последователни голови. Така беше и при резултат 16:32, кога следеше нов бран од голови, за веќе големо водство од 16:41. Последните пет минути беа релаксирачки за Вардар, кој уште повеќе го зголеми резултатот, за конечни 17:45.
Најефикасни во нашиот состав беа Маја Трпковска со 11 и Наташа Нолевска со 8 голови.
Вардар СЦЈС: Белмезова, Прленда 2, Стојановска 2, Ѓеоргиевска 4, Митова 6, Бојаџиска 1, Тодоровска 2, Нолевска 8, Станиќевска 3, Петковска, Георгиевска 2, Мишевска 1, Трпковска 11.