Нема одмор за вардарци кои денес со почеток од 17:15 часот во рамките на 16.коло од СЕХА-лигата ја пречекуваат екипата на Брест Мешков.
Натпревар кој нема резултатско значење за црвено-црните кои веќе имаат обезбеден пласман на завршниот турнир, што не е случај со белорусите кои „грчевито“ се борат да се најдат на Ф4. Во моментов Брест Мешков и Татран Прешов го делат четвртото место на табелата, но Мешков има натпревар помалку за одигрување. Сепак Вардар и на овој меч ќе оди на победа, доколку сакаме да го освоиме првото место во регуларниот дел од сезоната. Двете екипи досега имаат одиграно вкупно 16 меѓусебни натпревари во СЕХА-лигата, Вардар е поуспешен со 9 победи, на два пати мечот завршил со нерешен резултат, додека Брест Мешков се радувал на пет натпревари во дуелите со нашиот шампион.
Двете екипи во пресрет на денешниот меч ќе бидат ослабени со неиграњето на неколку играчи. Кај Вардар ќе ги нема левите бекови, Горбок, Борозан и Фереира, додека кај гостите ќе недостасуваат Шкурински, Обрановиќ и Хорват, па и Брест Мешков ќе биде значително ослабен на овој меч. Најдобри стрелци на противникот во ова натпреварување се крилата Дарко Џукиќ и Максим Баранау кои имаат постигнато по 44 голови. И двете екипи играа во најсилната група А од Лигата на Шампионите, во салата каде денес ќе се одигра мечот, славеше Вардар и тоа убедливо со резултгат 30:23, додека на гостински терен одигравме со нерешен резултат. Вардар и Брест Мешков исто така обезбедија и пласман во осминафиналето од ЛШ, нашиот тим заврши како трети во групата, додека Брест Мешков го фати последниот „воз“, со триумфот во последното коло успеа да го освои шесттото место.
Мечевите на двете екипи секогаш носеле неизвесност и возбудувања, се надеваме дека така ќе биде и на вечерашниот меч. Потсетување, сите кои имаа набавено билет за дуелот со Монпелје, ќе можат со истата карта да го гледаат и денешниот меч против Брест Мешков. За сите останати билетот изнесува само 50 денари. Оние кои ќе останат дома, пренос можат да проследат на МРТ-1 и Арена Спорт 2.
До крајот на регуларниот во СЕХА-лигата, остануваат гостувањата кај екипите на Нексе и Извиѓач.