Европскиот ракометен шампион успеа да освои бод на тешкото гостување во Манхајм, против шампионот на најсилната бундес лига, а тоа е екипата на Рајн-Некар. После одигрување на девет кола во двете најсилни групи А и Б и во двете послаби Ц и Д, Вардар е единствениот тим кој се уште е без пораз во најголемото натпреварување. Тој епитет пред ова коло го држеше и екипата на Монпелје од Франција, која загуби во ова коло на домашен терен од Бешикташ и го доживеа првиот пораз.
Вардар заедно со ПСЖ и Монпелје имаат освоено најмногу бодови, после девет одиграни кола, или вкупно 16 за сите екипи, но црвено-црните можат да се пофалат дека се уште немаат капитулирано пред ниту еден противник. Вардар е најдобар и по уште еден статистички податок и многу важен во ракометната игра, а тоа е одбраната. Избраниците на Гонзалес ја играат најдобрата одбрана и примија најмалку голови до овој момент, или само 209, а како споредба другите две екипи кои се веднаш после нас, се Кил и Скјерн, кои примија идентични 232.
Последниот меч за оваа година, го играме во сабота и тоа на домашен терен против екипата на Кристијанштад. Вардар е голем фаворит на овој дуел и се очекува со триумф да ја заврши најуспешната година во историјата на клубот.