Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Кил го чека „пекол“ во Скопје, Вардар е подготвен за нова голема победа
Кил го чека „пекол“ во Скопје, Вардар е подготвен за нова голема победа

Кил го чека „пекол“ во Скопје, Вардар е подготвен за нова голема победа

Денес во арената „Јане Сандански“ не очекува нов ракометен спектакл, во Скопје гостува екипата на Кил. Ова е дерби во групата, на екипите кои се уште се без пораз во новата сезона.

Ова ќе биде осми меѓусебен дуел во Лигата на Шампионите, меѓу Вардар и Кил, на пет меча успеал да слави бундеслигашот, додека Вардар победил во два наврати. Интересно единствениот триумф против овој противник го имаме во далечната 2002 година и тоа на Кале кога падна големиот Кил. Вардар нема победа во Јане Сандански против Кил, екипа со која се сретна и во четврт-финалето минатата година, каде како поуспешни излегоа црвено-црните. Иако црвено-црните загубија на домашен терен, само поради поголемиот број на постигнати голови на гости успеавме да се пласираме на завршниот турнир во Келн. Вечерва е можност за прва победа над Кил во арената Јане Сандански, победа со која ќе се зацврстиме на првото место во групата, кое носи директен пласман во четвртфиналето.

Екипата на Кил немаше многу време за одмор, со оглед дека во четвртокот навечер играа натпревар во бундеслигата против екипата на Нордхорн, на кој забележаа убедлив триумф, откако во првото полувреме го скршија отпорот на противникот, кој имапе само еден гол негатива после 30 минути игра. Од друга страна, Вардар немаше натпревар во СЕХА-лигата, па имаше доволно време и за одмор и за анализа на вечерашниот противник. Позитивна вест е што во составот се враќа и Стојанче Стоилов, за капитенот ова ќе биде прв натпревар сезонава.

Кил го очекува вистински пекол во Јане Сандански, со оглед дека комплетната арена е распродадена, а од клубот пуштија во продажба и дополнителни билети за стоење, па така вечерва Европскиот Шампион ќе има голема поддршка од навивачите.

Натпреварот стартува од 17:30 часот, а сите кои нема да бидат во сала, директен пренос ќе можат да проследат на МРТ и Арена Спорт 2.