Thursday ,25 April 2024
Последни:
Home > Интервјуа > Стоилов: Вардар е посебен клуб со голема навивачка група, нашата цел е повторно да стигнеме до Келн, а таму се може да се случи
Стоилов: Вардар е посебен клуб со голема навивачка група, нашата цел е повторно да стигнеме до Келн, а таму се може да се случи

Стоилов: Вардар е посебен клуб со голема навивачка група, нашата цел е повторно да стигнеме до Келн, а таму се може да се случи

Утре, Вардар ја стартува одбраната на Европската титула, со гостувањето во Франција, против екипата на Монпелје. Вардарци ќе се обидат и четврта година по ред да стигнат на завршниот турнир, во обид да ја освојат и по трет пат Лигата на Шампоните. Во пресрет на новата сезона, ЕХФ направи интервју со капитенот на Вардар, Стојанче Стоилов.

Имавте драматична сезона во која успеавте да се искачите на подиумот и повторно да ја освоите ЛШ. Кои моменти беа решавачки за новата Европска титула ?

-Минатата сезона беше многу турбулентна за нас, со многу проблеми, но на крајот, некако успеавме да надминеме сè и да го освоиме трофејот во Лигата на шампионите. Мислам дека немавме специфичен момент за пресврт, одевме чекор по чекор и натпревар по натпревар, за на крајот да се најдеме на подиумот.

Новаа сезона ја стартувате како актуелни Шампиони, дали тоа ќе носи притисок за вашиот тим ?

-Бевме во таква позиција пред две години и, од искуство, знаеме дека ќе биде потешко. Можеме да играме подобро кога сме под притисок, така да ова не е нешто ново за нас . Сепак, кога сте шампиони, мора да се однесуваш така на секој меч, а тоа воопшто нема да биде лесно.

Веќе осум години го носите црвено-црниот дрес на Вардар, по што овој клуб е специјален за вас ?

-Вардар е посебен клуб не само во Скопје, туку и во целата држава. Овој тим има голема навивачка база која ги вклучува и најдобрите навивачи, тоа се Комитите, од кои и јас сум дел. Мојот татко исто така многу го сака овој клуб и таа љубов ми ја префрли на мене. Се сеќавам кога како мал ме носеше на фудбалските натпревари на Вардар. Денес јас гордо и со голема чест ја носам капитенската лента на овој клуб и среќен сум што во тешки времиња за нашата држава, донесовме радост кај нашите граѓани.

Вардар загуби неколку клучни играчи, а дојдоа нови, што мислите за актуелниот состав на тимот ?

-Така беше и минатата година, но тоа не не спречи да направиме нов огромен успех. Секогаш е тешко кога ќе загубиш играчи кои биле важни за тимот, но тоа не е нешто што може да ти го расипе сонот и да не можеш да спиеш. Имаме многу добра атмосфера во нашата соблекувална и тоа е секогаш корисно кај играчите.

Кое е вашето мислење за новиот тренер, Писонеро ?

-Немам поминато многу време со Писонеро, затоа што сум повреден, но од она што го видов е дека се работи за фер тренер кој сака многу да комуницира со играчите. Овие работи се многу важни за соработката меѓу тренерот и играчите. Сакам да му посакам многу среќа со нас и топло добредојде во нашето семејство Вардар.

Кога ќе се вратите на теренот, со оглед дека уште се опоравувате ?

-Мојата рехабилитација оди побавно и ќе ги пропуштам првите натпревари од Лигата на Шампионите. Се надевам дека наскоро ќе се вратам на терените.

Во групата се наоѓате со силни противници, како гледаш на ова ?

-Мислам дека се наоѓаме во потешка група од минатата сезона. Секој противник ќе сака да го земе скалпот на шампионот, но ние сме Вардар и така треба да се однесуваме во текот на целата сезона.

Кои се целите на Вардар во новата сезона ?

-Изминативе години, секогаш имаме само една цел, тоа е да играме на завршниот турнир во Келн. Кога ќе се најдеме таму, тогаш се може да се случи.