Friday ,17 May 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Вардар го доби “градското“ дерби со Металург и стигна до првата победа во сеха-лигата

Вардар го доби “градското“ дерби со Металург и стигна до првата победа во сеха-лигата

Вечерва во спортскиот центар Борис Трајковски се одигра градското ракометно дерби во сеха-лигата. Нашиот ракометен шампион ја забележа првата победа во ова натпреварување и тоа токму во дуел со екипата на Металург. Потешко од очекувањата Вардар успеа да забележи триумф со резултат 24:25.

Домашниот тим имаше прв можност да го отвори резултатот, но нивниот удар од седум метри остана нереализиран. Затоа Душебаев не греши во нашиот прв напад и го постигнува првиот гол на овој меч. За одбележување е и деби голот на новото засилување Иван Чупиќ кој започна како стартер на позицијата десно крило. Во 7 минута, Металург имаше минимално водство, но тогаш црвено-црните постигнуваат три гола во серија за прв пат да имаат плус два гола разлика (3:5). Ангелов одлично бранеше на нашиот гол, кој заедно со Милиќ беа решенијата на голманската позиција за овој натпревар. На ист начин тимот од Автокоманда враќа и со два последователни гола на Младеновиќ ја враќаат предноста. Двете екипи имаа свои периоди на игра, што се гледа од серијата на погодоци во одредени минути од првото полувреме. Карачиќ најпрво израмнува, а Дибиров влегува во гол-шоу, со кое стигнуваме до највисоки 6:9. Ова водство го одржувавме до 22 минута, но до крајот на првиот дел Металург успева да стигне до израмнување на 13:13. Со овој резултат се замина на полувреме.

Второто полувреме со гол го отвара Металург за водство од 13:14, по што следи наша серија од три гола за да имаме два гола позитива. Деревен започнува во второто полувреме на позицијата лев бек и веднаш се запишува во листата на стрелци. Вардар никако не успева да се одлепи и повторно дозволува на противникот да го израмни резултатот на 19:19. Работите се повторуваа и во второто полувреме, секогаш кога Металург ќе израмнеше, нашиот шампион враќаше со серија од неколку погодоци и повторно ги враќа оние највисоки три гола разлика (19:22). Со својот шестти погодок Душебаев носи солидна предност за Вардар. Во 47 минута резултатот беше 19:23. Ангелов веќе стигна до двоцифрен број на одбрани, вкупно до тој момент 11 успешни интервенции зад неговото име. Место да го зголемиме водството и да се доведеме во сигурна завршница, Металург одново ја враќа неизвесноста и намалува на 23:24. Фереира имаше можност да постигне гол, но промаши чист зицер удар, затоа на спротивната страна Талевски погодува за 24:24. Можеби најрасположениот наш играч на овој меч, Алекс Душебаев погодува за 24:25. Ангелов со својата 15 одбрана го остава својот тим во предност. Противникот имшае можност да го израмни резултатот, откако го имаше последниот напад, но Ангелов не дозволи изненадување. Конечниот резултат е 24:25.

Најефикасни во Вардар беа Душебаев со 7 и Дибиров со 6 гола. Во сабота не очекува натпревар против Веспрем во С.Ц. Јане Сандански.